Путин профитира од брегзит
25 јуни 2016Меѓу победниците од британскиот референдум не припаѓаат само Најџел Фараџ и другите евроскептични политичари ширум Европската унија, како Герт Вилдерс во Холандија и Марин Лепен во Франција. И рускиот претседател Владимир Путин припаѓа кон профитерите од рефередумот на кој беше одлучено за брегзит.
Додуша малку е веројатно дека од Путин по овој повод ќе се чуе триумфален говор. Премногу е силна неговата улога на меѓународен државник, која се труди да ја игра реагирајќи дипломатски и умерено. Но по медиумите кои ги контролира Кремљ ќе се плачат крокодилски солзи поради брегзит, бидејќи руските медиуми одамна Европската унија ја претставуваат во негативно светло-како Унија која само што не се распаднала.
„Популистичката интернационала“ на Путин
Желбата на Британците да истапат од ЕУ многу Руси ги потсетува на распадот на Советскиот сојуз. И навистина, британската одлука е историски засек. Но таа нема да доведе до целосен колапс на државното и економско уредување во ЕУ, како што беше случајот за време на распадот на СССР. таа вистина руските гледачи не можат да ја чујат. Ним пропагандистите на Кремљ им пренесуваат приказни за таа распадната Европа. Со тоа треба да се одвлече вниманието на руската публика од сопствената криза и да се зацврсти монополот на моќ на функционерската елита во Москва.
Руската политика не може да се означи како причина за популистичките расположениа во Европа или во САД, на кои се должи подемот и на Доналд Трамп. Причините за тоа се комплекс од демографски, политички и социјално-економски фактори. Но Кремљ во претходните години видно ги зајакна напорите за поддршка на популистичките групации, кои по правило се критички настроени кон ЕУ. Имаше тука с и сешто, од кредитот на една руско-чешка банка кој го доби Националниот фронт на Марин Ле Пен до крајно наклонетото известување на руските медиуми за британскиот УКИП на Најџел Фараж и поддршката за (засега неуспешната) независност на Шкотска.
Со јакнење на популистичките тенденции во Европа- главно од десниот спектар, ама сѐ повеќе и од левиот- треба да се поткопа стабилноста и функционалноста на Европа. Логиката е ваква: колку повеќе неединство во Европа, толку поголеми сѐ шансите за Русија да издејствува подобар дил со Брисел. Во моментов пред сѐ станува збор за ублажувањето на европските санкции против Русија.
Исполнета максималната цел
Со одлуката за брегзит практично е исполнета максималната цел на руската надворешна политика во Европа- ЕУ во наредните години да се занимава во прв ред со самата себеси. Проширувањето на ЕУ во моментов е незамисливо. Лошата вест за Украинците, Молдавците или Грузијците гласи дека проширувањето на ЕУ со постсоветските или балканските држави е оттурнато далеку, далеку на хоризонтот. тешко е да се замисли дека наскоро ќе следува дури и укинување на визниот режим за граѓаните на Украина или Грузија.
Европската перспектива на Украина, Молдавија, Грузија, значи е закопана на неодреден период. Иако никој во ЕУ тоа гласно нема да смее да го изговори, овие земји посредно повторно ќе бидат турнати во она што Русија го подразбира во своја „зона на влијание“. Со тоа рускиот претседател Путин секако припаѓа кон победниците од референдумот за брегзит.