Птичји грип кај дивите птици ширум Европа
10 ноември 2016Хрватскиот министер за земјоделство Томислав Толушиќ денеска изјави дека од птичјиот грип кој е утврден во Вуковарско-сремскиот округ досега умреа десетина лебеди и нагласи оти станува збор за вирус кој не е опасен за луѓето.
„Во општината Церна се пронајдени десетина мртви лебеди. Кај нив е утврден птичји грип, вид кој досега не предизвикувал болест кај луѓето и не е опасен за нив“, им рече министерот на новинарите во Загреб.
Тој додаде дека ситуацијата е под контрола и оти се алармирани останатите членки на ЕУ и хрватската јавност.
Министерството за земјоделство потврди во соопштение дека станува збор за птичји грип со високо патоген подтип Х5Н8 кај дивите лебеди и ги потсети сопствениците на животни на законската обрска да пријават сомнителни болести на ветеринар.
Во меѓувреме од сѐ повеќе европски земји се јавува за заразени мртви диви птици. Во Унгарија и во Германија се забележени нови случаи, додека вирусот е регистриран и во Австрија, Швајцарија и Холандија.
Птичјиот грип е многу заразна вирусна болест за живината и другите птици која може да се манифестира на различни начини, во зависност од способноста на вирусот да предизвика болест и на погодените видови.
Што се однесува на домашната живина, најчесто заболуваат кокошките и мисирките, а главна опасност за ширење на болеста на домашната живина претставуваат два вида птици кои живеат покрај вода, посебно патки кои се природно отпорни на болест и не покажуваат никакви знаци на зболување.