011211 EU Serbien Kroatien
1 декември 2011Кога претставниците на Србија и на Косово се разделија вчера (30.11) во Брисел, беше јасно дека Србија нема да направи отстапки во корист на владата во Приштина. Србија не го признава соседот и очигледно ги поддржува Србите, кои на северот на Косово предизвикуваат немири. Притоа беа погодени германски и австриски војници на КФОР. Во дипломатски кругови се вели, дека поради овие причини шефовите на држави и влади на самитот на 9 декември нема да и доделат кандидатски статус на Србија, како што беше планирано.
„Инцидентите, кои се случија на северот на Косово со сигурност ќе бидaт дел од советувањата. Тие се се’ друго освен олеснување за европската персpектива на Србија“, подвлече германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Состојбата е сериозна, дополни шефот на германската дипломатија, поради што германската влада е во разговор со Србија. Министерството за надворешни работи јасно стави до знаење: Србија мора да го акцептира територијалниот интегритет на Косово. При диломатските разговори во Брисел Србија би требало да се изјасни, дека е подготвена да води дијалог со владата во Приштина. Меѓутоа и тоа е во моментов далечна иднина.
Во догледна иднина е пристапот на Хрватска во ЕУ. Денеска треба да се изјасни европскиот парламент, и се очекува да даде зелено светло. Комисијата е уверена дека Хрватска ги исполнува сите критериуми за пристап. „Стопанството е подготвено да стане дел од заедничкиот пазар и би можело да се носи дури и со финансиската криза. Најважно е меѓутоа: се земаат во предвид демократските принципи и основни права. Правниот систем се зајакнува преку голем број реформи“, вели еврокомесарот Штефан Филе.
Меѓутоа во Парламентот се’ повеќе пратеници се сомневаат дека Хрватска е навистина ученик за пример. На 4 декември во Хрватска се оддржуваат избори. Во изборната кампања до израз доаѓа национализмот. Поранешниот премиер Иво Санадер одговара пред суд поради обвинувања за корупција. Буџетот е во катастрофална состојба, а земјата стенка под долговите од 103 проценти во однос на годишните економски остварувања. За државни обврзници хрватската влада мора да плаќа речиси осум проценти. За да ги намали стравувањата за тоа колку е зрела земјата, Комисијата најави натамошен систем за надгледување. „Притоа станува збор, според наше мислење пред се’ да се види, дека гонењето на воените злосторници се спроведува и на локално ниво. Амнести Интернешнл тукушто објави извештај за тоа, кој јасно покажува, дека справувањето со минатото на локално и регионално ниво се одвива многу споро и дека мора да се стори нешто во тој поглед. Законите се усвоени, меѓутоа не е сосема јасно дали тие се спроведуваат“, вели Франциска Брантнер, пратеничка од Зелените.
И покрај сите сомнежи на 9 декември на самитот на шефови на држави и влади треба да биде потпишан договорот со кој од 1 јули 2013 години Хрватска би станала 28 земја членка на ЕУ.
Автор: Кристоф Пресл/ Александра Трајковска
Редактор: Симе Недевски