1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Процес против Шешељ- двете лица на фарсата

Џевад Сабљаковиќ
13 декември 2017

Во Хашкиот трибунал денеска треба да се одржи расправа по жалбата за ослободителната пресуда за Војислав Шешељ. Дали фарсата во кое се претвори тоа судење ќе продолжи и во овој дел од судењето?

https://p.dw.com/p/2pFvK
Vojislav Seselj Serbien Nationalist
Фотографија: AP

Францускиот судија Жан-Клод Антонети во март 2016 година, како претседавач со Советот на Хашкиот трибунал, изрече пресуда според која Војислав Шешељ не е виновен по ниту една од деветте точки на обвинението. За да го констатира тоа, на Хашкиот трибунал му беа потребни 13 години. Лидерот на српските радикали беше во притвор во Хаг од 24 февруари 2003 година. Обвинет е за воени злосторства кои, според обвинителството, биле сторени од 1991 до 1993 година над несрпското население во делови на БиХ, Хрватска и Војводина. Обвинението го товари Шешељ за прогони врз политичка, национална и верска основа, присилно преместување и нехумани постапки кои се квалификувани како злосторства против човештвото.
Врз основа на кршење на законите и обичаите на војување, обвинет е за убиства, измачување, сурово постапување, разорување на села и уништување на верски објекти и ограбување на јавна и приватна сопственост. 

Повеќе на темата: 

Пресудата против Шешељ - целосно фијаско на правдата

Ослободувањето на Шешељ - во корист на Вучиќ

„Циркусот Шешељ“ продолжува

Говор на омраза

Судењето започна дури во 2007 година и, со многу прекини и паузи, кои во најголем дел беа последица на опструкциите на самиот обвинет, фактички сѐ уште трае: во тек е жалбената постапка. Како застапник на сопствената одбрана, Шешељ ги претвораше судските заседанија во трибини за политички говори и сцена на навреди и вулгарности кон сите. Постапката неретко беше фарса која во директен телевизиски пренос од Хаг ја забавуваше дел од публиката во Србија.
Посебна точка на обвинението беше „говорот на омраза“. Обвинителите тврдеа дека со неговите говори пред и за време на војните во БиХ и Хрватска, не само што поттикнувал, туку практично и ги сторил прогоните, депортациите и насилното раселување на населението. Ја користел секоја можност- а за тоа обвинителите поднесоа голем број видео снимки- директно да повикува на војна против „историските непријатели“, односно против Бошњаците и Хрватите. Обвинителите ги цитираа заканите на Шешељ дека Србите ќе „им се осветат на муслиманските душмани“, а на Хрватите ќе „им испорачаат сметка за жртвите од Првата и Втората светска војна“. Со таквите говори Шешељ, тврдеа обвинителите, создавал околности за предизвикување насилство и директно упатувал на злосторства. Во завршниот збор, во март 2012 година, тие побараа казна затвор од 28 години.

Brammertz Sarajevo
Главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж БрамерцФотографија: DW

Бидејќи се откажа од изнесувањето докази, Шешељ својата одбрана ја сведе на завршни зборови во кои го обвини меѓународниот суд дека е инструмент на големите сили и разузнавачки служби, создаден само за да им суди на Србите. На негово барање, потоа од советот беше отстранет данскиот судија Фредерик Хархоф, затоа што во приватно писмо кое го објавија медиумите, ги критикуваше ослободителните пресуди за Готовина, Маркач, Перишиќ, Станишиќ, Симатовиќ. На негово место беше именуван сенегалскиот судија Мандиаје Нианг, кому му беа потребни 2,5 години за да се запознае со целиот случај.
На попустите кон Шешељ им немаше крај. Фарсата продолжи со предлогот на судијата Антонети, тој да биде пуштен на слобода до изрекувањето на пресудата, иако обвинетиот тоа воопшто не го бараше. Во ноември 2014 година, Шешељ беше буквално избркан од затворот во Шевенинген, иако изјавуваше дека нема да почитува ниту едно правило за престој на слобода.

Vojislav Seselj Belgrad 12.11. 2014
Шешељ по враќањето во Белград во 2014 годинаФотографија: picture-alliance /EPA/A. CUKIC

Фарса до крај

За фарсата да биде целосна, на 31 март 2016 година, на Војислав Шешељ му е изречена ослободителна пресуда и тоа во негово отсуство, што е надвор од сите правила на Трибуналот. Двајца судии, Антонети и Нианг сметаа дека не постојат докази кои „вон секој сомнеж“ ја утврдуваат неговата вина. Третата судијка, Италијанката Латанци имаше спротивно мислење и остро се противеше на ослободувањето.
Второто лице на фарсата беше и тоа што обвинетиот беше држен во притворската единица на ОН во Шевенинген цели 11,5 години.
Кој е повеќе заслужен за ослободителната пресуда на Шешељ? Обвинителството кое не доставило убедливи докази и сведоци или советот на францускиот судија Антонети, кое не ги прифати доказите на тужбата или ги „толкувало изопачено“, како што оцени актуелниот главен обвинител Серж Брамерц, кој веднаш по првостепената пресуда најави жалба.
Обвинителството денеска ќе има шанса во еден час да го убеди петчлениот судски совет во вината на Шешељ. Тој, пак, повторно одби да присуствува на седницата. И тоа му беше дозволено.