1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Процес против Германија за масакрот во Кундус

Карла Кристина Блајкер / Симе Недевски20 март 2013

Во судот во Бон денеска започна процес против сојузната влада на Германија. Тужба со барање за отштета имаат поднесено роднините на жртвите од воздушниот напад во авганистански Кундус во 2009 година година.

https://p.dw.com/p/180jn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Агбад Мухамед бил селски писар во авганистанската провинција Кундус. Тој бил единствен кој пешачел до два километра одалеченото училиште во соседното село. Во попладневните часови, овој 12-годишник седел под дрвјата, пред централната џамија и пишувал писма за луѓето од селото, до нивните роднини во Пакистан и во Иран.

Ноќта помеѓу 3. и 4. септември 2009 година, Мухамед отишол до коритото на пресушената река, недалеку од селото, каде што се наоѓале две цистерни со гориво. Можеби се надевал дека за своето семејство ќе може да извлече малку бензин или бил љубопитен и сакал да ги види големи цистерни кои се заглавиле среде ноќ во негова близина. На 4. септември, малку пред два часот утрината, Мухамед загинал, кога авиони на НАТО ги бомбардираа цистерните кои ги украле талибанците.

Што се знае, а што не?

Нападот го наредил германскиот полковник Георг Клајн. Во бомбардирањето се убиени најмалку 91, а најмногу 141 лице - информациите се разликуваат во зависност од тоа дали потекнуваат од адвокатот Карим Попал, кој ги застапува жртвите, или Министерството за одбрана во Берлин.

Begräbnis nach NATO Luftangriff auf Tanklaster Kundus 2009
Погребот на загинатите цивили во воздушниот напад во 2009 годинаФотографија: STR/AFP/Getty Images

Талибанците во попладневните часови на 3. септември, на лажниот контролен пункт, ги украле цистерните и убиле еден возач. Американските авиони тргнале во акција, наводно, дури откако германскиот команден центар во тој регион јавил оти дошло до „контакт со непријателот“, иако во тоа време немало НАТО трупи во близина на цистерните. Меѓутоа, наводно таму биле некои барани лидери на талибанците.

Исто така е нејасно дали германската команда на фотографиите од воздух видела дека околу цистерните се собираат многу цивили. Единствено е извесно дека американските пилоти точно во 1:49 фрлиле две бомби врз цистерните, и оти загинале многу цивили.

Жртвите тврдат дека цивилите се намерно убиени

Afghanistan Bombenangriff Bundeswehr Tanklaster Zivilisten Rechtsanwalt Karim Popal
Адвокатот на тужителите Карим ПопалФотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе од три години по настанот, во Покраинскиот суд во Бон почнува процесот - два члена од семејствата на жртвите ја тужееа Сојузна Република Германија. Адвокатот Попал бара за секој од 137-те мртви отштета од 20.000 до 75.000 евра, бидејќи, како што тврди, полковникот Клајн намерно ги убил цивилите. Обвинето во името на Сојузна Република Германија е Министерството за одбрана. Правниот застапник Марк Цимер сака да постигне тужбата во потполност да се отфрли.

Адвокатот Попал претставува вкупно 79 членови на семејставата, како што тврди, на 137 загинати цивили. „Поголемиот број биле млади луѓе и деца“, кажува Попал за ДВ. „Тие биле љубопитни кога околу полноќ пред нивните врати се нашле две цистерни.“ Според неговото мислење, полковникот Клајн е одговорен за тој инцидент во септември 2009. Кривичната постапка против полковникот е запрена, но Попаловите колеги поднеле жалба и сакаат тој предмет да се најде пред Сојузниот уставен суд.

„Господинот Клајн направил грешка. Тој сам одлучил и ги видел цивилите“, тврди Попал. „И покрај тоа, побарал бомбардирање, иако пилотите прво одбиле да го сторат тоа“. Ако биде потребно, Попал вели дека е подготвен да се обрати до Европскиот суд за човекови права. Но, тој е уверен оти тоа нема да биде потебно. „Претпоставувам дека ќе победиме“, рече адвокатот на жртвите на процесот во Бон.

Германија е погрешна адреса, тврди одбраната

Адвокатот на Сојузното министерство за одбрана, Марк Цимер за Дојче веле нагласува: „Ние сметаме дека полковникот Клајн не работел примарно во име на Сојузна Република Германија, туку во рамките на НАТО системот. Затоа неговите претпоставени биле офицерите на НАТО“. Значи, според него, Сојузната влада на Германија од самиот почеток е погрешна адреса за оваа тужба. Вториот силен аргумет на одбраната - кривичната постапка против полковникот Клајн е запрена, откако беше докажано дека тој лично не постапил незаконито. „Имаме две цели“, вели адвокатот Цимер, „првата е тужбата да биде отфрлена, а втората - би било убаво кога би можеле да разјасниме дека во вооружен конфликт не се применува закон за одговорност на државните службеници“.

Varvarin zerstörte Brücke
Бомбардираниот мост кај Варварин во 1999 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Мост во Варварин

Судијата Хајнц Цонебергер, преседавач со овој процес, во 2003. веќе имаше еден сличен случај. Во воздушниот напад на НАТО на мостот во близина на Варварин, Србија непосредно пред крајот на конфликтот на Косово во 1999 година, загинале 10, а тешко се повредени 17 цивили. Пред 10 години, 35 Срби побараа отштета од 5.000 до 100.000 евра. Судијата Цонебергер ја отфрли тужбата во Покраинскиот суд во Бон со образложение дека „ниту според меѓународното право, ни според германскиот закон, нема правни основи по кои поединец може да тужи држава за последици од војна“.