Противречната американска политика на Блискиот Исток
25 јуни 2014Кога се работи за надворешната политика, посебно на големите сили, новинарите, експертите и јавноста претпоставуваат дека владите следат голем план во односот кон различните светски региони. А, кога на политичарите им недостига тоа, што Џорџ Буш Сениор го нарече „визионерско делче“, тогаш мора да се подготвени преку критики во медиумите да платат и казни од гласачите. Но, проблемот со толку величаните големи стратегии е тоа што е тешко да се води надворешна политика со заеднички именител кон регион како Блискиот Исток, каде постојат толку разлики.
Актуелната американска влада тоа го искуси. Откако претседателот Барак Обама во јуни 2009 година го одржа својот познат говор „Нов почеток“ во Каиро, го следат големи очекувања, предизвикани од неговата тогашна турнеја во регионот. Тежиште во неговиот говор беше барањето за подобрување на односите меѓу исламскиот свет и Западот, мир меѓу Израел и Палестинците и борба против екстремизмот. Пет години подоцна, се покажа безмилосната реалност и политиката, во која многумина по каирскиот говор на Обама гледаа негова голема блискоисточна стратегија, доживеа горчлив пораз.
Мамлива стратегија
„По интервенцијата на владата на Буш во Ирак, не постои веќе убедлива блискоисточна стратегија“, вели Хал Гарднер, професор по меѓународна политика на Американскиот универзитет во Париз. Тој во поранешните и последните обиди на владата на Обама за повторно оживување на мировниот процес меѓу Израел и Палестинците гледа камен-темелник на поголема блискоисточна стратегија.
„Владата на Обама, како една од своите големи цели, барем се обиде повторно да ги приближи Израел и Палестинците, иако неуспешно“.
Кога мировната иницијатива пропадна, како што многумина и предвидуваа, вели Гарднер, беа предизвикани негативни влијанија во целиот регион.
Но, најголемата лекција од толку фалениот говор на Обама во Каиро, е дека големите стратегии, посебно на Блискиот Исток, особено лесно пропаѓаат. Оваа неповрзлива верска, национална и етничка мешавина, каква што е Блискиот Исток, е неможно да се опфати во пракса во една единствена стратегија. Затоа, нема смисла од Вашингтон да се бара заедничка стратегија, истакнува Ервин ван Веен, експерт од холандскиот Институт за меѓународни односи во Ден Хаг.
Невозможен е голем план
„Се сомневам дека е тоа можно“, вели Ван Веен. Наместо тоа, полесно и покорисно е да се зборува за цели на американската политика во регионот. „Мислам дека Американците на Блискиот Исток имаат неколку многу јасни цели, а нивниот проблем е што некои од нив многу тешко се усогласуваат едни со други“.
Четирите главни цели на Вашингтон во регионот се безбедноста на Израел, спречување Иран да се стекне со атомско оружје, градење и одржување добри односи со регионалните сили Турција и Саудиска Арабија и сузбивање на радикалните исламистички групи. Овие регионално-политички приоритети, споени со главната цел на Обама, избегнување секаква поголема воена интервенција, не градат единствена стратегија, но барем даваат увид во тоа што сака Вашингтон на Блискиот Исток.
Сепак, дури и овие главни цели противречат една на друга. Со продолжувањето на граѓанската војна во Ирак и во Сирија, „мислам дека Американците не знаат што треба да направат. Зашто, постојат толку многу меѓусебно конкурирачки и противречни интереси меѓу Саудијците, Иранците, ирачката влада, сириската влада и сите останати вклучени сили“, подвлекува Гарднер.
„Тоа се работи кои си противречат едни на други. Во тоа лежи и причината зошто американската блискоисточна политика делува толку расштимано и е лесно подложна на критики“, додава ван Веен.
Рангирање на целите според важност
Бидејќи е неможно остварување на сите цели, САД во однос на своите главни политички цели во регионот мора да постават приоритети.
„Без сомнение, изгледа дека тие тоокму тоа и го прават“, вели ван Веен.
„Општо познато е дека Иран го поддржува режимот на Башар ал-Асад со пари, оружје и воени советници. А САД се чини не се возбудуваат многу поради тоа.Тоа можеби се должи на фактот што не сакаат да ги загрозат атомските преговори со Техеран. Зашто, ако се изврши преголем притисок на еден фронт, тогаш се појавуваат последици на друг“.
За работата да биде уште покомплицирана, Вашингтон мора не само да ги рангира своите цели според важност, туку истовремено да биде и доволно флексибилен за да ги усогласи своите приоритети со условите или, по потреба, да ги промени, зависно од настаните на теренот. Можеби ќе доживееме почеток на промена на американските приоритети, барем за момент, ако борбата против исламистичките екстремисти од ИДИЛ, добие поголема важност.
Во секој случај, борбата против џихадистите на крајот сепак ќе добие позвучен слоган, кој ќе помогне полесно да се „продаде“ стратегијата на претседателот.
„Обама отфрла Сизифовска стратегија. Тој не сака да се впушти во уништување на секое терористичко движење кое ќе се појави, зашто постојано се раѓа некое ново“, вели Гарднер.