1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Против омразата кон Евреите

Александер Кудашеф / Превод: Е.М.Фиданоска15 септември 2014

Во Берлин целата политичка елита демонстрираше против омразата кон Евреите. Заедно со политичарите демонстрираа и околу 6000 граѓани. Премалку, оценува главниот уредник на ДВ Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1DCGJ
Фотографија: Reuters/Fabrizio Bensch

Тоа е знак - 6000 луѓе се собраа во Берлин на демонстрации против омразата кон Евреите, против антисемитизмот. Не повеќе. Во 1992-та во германските градови, села и општини против расизмот во Германија протестираа над еден милиони Германци. Тоа беше силно и впечатливо спротивставување на омразата на десните екстремисти.

Овојпат беа 6000. Целата политичка елита, сојузниот претседател, канцеларката, министрите, синдикалците, протестантската и католичката црква - сите тие ја следеа поканата на Централниот совет на Евреите и дадоа знак против запрепастувачката омраза кон Евреите. Таква иницијатива не произлезе од средиштето на општеството, од средиштето на Германија. Засрамувачки, исто како и малиот број демонстранти.

Неспорно, постои јаз меѓу она како политиката и како граѓаните гледаат на Евреите и пред се‘ како се третира Израел. Населението е значително покритички настроено кон Израел отколку политиката. Зад легитимната критика на сметка на Израел демне архаично антисемитистичко расположение - на улица од страна на муслиманските доселенци, на интернет од страна на нормалните Германци. Навредливите текстови, омразата, бесот, поттикнувањето антиеврејско расположение кои можеа да се прочитаат, се не само засрамувачки и запрепастувачки, туку се вознемирувачки. Затоа собирот пред Бранденбуршката порта е вистинскиот симбол. Германија е одговорна за холокаустот, за шоата, за убиството на шест милиони европски Евреи. Овде против антисемтитизмот мора да се настапува поангажирано, повпечатливо, посилно и порешително отколку каде и да е на друго место. Тука не може да има нормалност, дури ни обид работите да се третираат како нормални.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВФотографија: DW/M. Müller

Според истражувањата на јавното мислење, се проценува дека околу 20 проценти од луѓето во Германија се настроени антисемитистички или пак следат некои антисемитистички стереотипи. Тоа, за жал, е повеќе отколку пред четврт век. Тоа се десничарите, левичарите, муслиманските доселеници, нормалните Германци од средиштето на општеството. Во Германија, 75 години по почетокот на Втората светска војна, по уништувањето на Евреите, полицијата мора да ги заштитува синагогите и градинките. Евреите со кипа мора да бидат подготвени на навреди, се сквернават гробишта. Сето тоа е дел од еврејската животна стварност во Германија.

Но, сепак, и покрај холокаустот, и покрај секојдневно присутниот антисемитизам, повторно има еврејски живот во Германија. Заедниците растат. Евреите не се кријат, покажуваат самодоверба. Така беше и на собирот во Берлин. И покажуваат чувства. Не ги прифаќаат навредите и срамотењето. Евреите се дел од германското општество. Ова е нивна татковина, татковина која се исправа против омразата кон Евреите. И токму затоа, како што рече канцеларката, борбата против антисемитизмот е нешто што се подразбира само по себе во републиката. Едно отворено општество ја презира омразата кон Ереите и се гнаси од расизмот.