Против БиХ за прво место во Улм
25 август 2013Кошаркарите на Македонија и на Босна и Херцеговина на претходните два натпревара на турнирот во Германија постигнаа по две победи над Грција и над домаќинот Германија.
Македонија ја победи Грција со 77:75, додека вчера против Германија славеше со 81:67.
Македонија одигра сигурен натпревар и ја имаше контролата во текот на целиот натпревар предводена од Мекејлеб, Антиќ, Чековски, Илиевски и браќата Стојановски. Недостижната разлика беше направена во втората четвртина која Македонија ја доби дури со 22:8, по што следеше само одржување на предноста.
Загриженост кај раководството на репрезентацијата предизвика повредата на новопечениот играч на американската НБА, Перо Антиќ, но веројатно не се работи за сериозен проблем. Капитенот на македонската репрезентација го напушти паркетот во 32-та минута од мечот, а селекторот Алеш Пипан очигледно не сакаше ништо да ризикува и до крајот на мечот го задржа на клупата.
Почетокот на натпреварот Македонија- БиХ е во 17 часот, додека во терминот од 14:30 часот ќе играат Германија и Грција. Босна и Херцеговина е и во групата со Македонија во Јесенице на Европското првенство во Словенија, а меѓусебниот натпревар двете екипи на Еуробаскетот ќе го играат на 8 септември.