Протести во Берлин: Сити сме од сѐ!
16 јануари 2016Денеска во Германија се одржуваат шестите големи демонстрации, на кои се бара пресврт во земјоделството. На протестите под мотото „Сити сме од сѐ!“ повикаа над 50 еколошки, потрошувачки, земјоделски, развојни здруженија, како и здруженија за заштита на животните. Повод за големите демонстрации е одржувањето на саемот за земјоделство во Берлин „Зелена недела“. Најголемиот земјоделски саем во светот важи за симбол за сѐ поголемата индустријализација на земјоделството.
Повеќе ѓубрива, повеќе антибиотици
Земјоделството во Германија е многу променето во последните децении: на нивите се фрлаат вештачки ѓубрива и пестициди, стопанисувањето со почвата стана многу поинтензивно. Малите фарми често не можат да ја преживеат силната конкурентска борба и пропаѓаат. Трендот оди во насока на големи аграрни фабрики со десетици илјади животни.
Ваквото индустриско земјоделство предизвикува протести. Храната со соја за шталите полни со животни потекнува во најголем дел од преку океанот, а за да се произведе таква храна се сечат дождовни шуми. За животните во големите штали пак да пораснат брзо и без болести до терминот за колење, добиваат храна во која се измешани антибиотици.
Во храната произведена на овој начин често има остатоци од отрови и антибиотици. Многу потрошувачи стравуваат дека страда нивното здравје. Брзото темпо на одгледувањето свињи, крави и кокошки на најтесен можен простор, според многумина не е ништо друго освен измачување на животни.
Последици за природата
Многу критика доаѓа и од здруженијата за заштита на животната средина. Индустриското земјоделство важи како главна причина за масовно исчезнување видови во Германија. Исчезнуваат важни животни простори за животните и растенијата, пред сѐ поради отровите во почвата, преголемото ѓубрење, монокултурите и интензивното експлоатирање на земјата. Организациојата за заштита на природата НАБУ Германија во својата актуелна студија констатира дека во последните 15 години масата инсекти во земјата се намалила за окоу 80%.
Поради ваквото земјоделстви страда и квалитетот на водата. Почвата се ѓубри премногу со вештачко ѓубре веќе со децении, а отровите од земјата завршуваат во подземните води, езерата и реките.
Еколошкото земјоделство како пример
Заштитиниците на животната средина и експертите сметаат дека алтернатива за индустријализираното земјоделство е еколошкото земјоделство: помали фарми, кои произведуваат пред сѐ за регионалниот пазар.
Во еколошкото земјоделство нема употреба на синтетички ѓубрива и пестициди, а не е дозволено ниту одгледување животни со антибиотици, натискани во огромни штали едни до други. Освен тоа, фармерите би морало самите да си ја произведуваат храната за животните, или да ја набавуваат од соседството.