1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест на трудниците против Ердоган

Сенада Соколу / Александар Методијев29 јули 2013

Нова рунда битки меѓу религиозна и секуларна Турција. Откако исламски теолог оцени дека е „срамно“ бремените жени да се појавуваат во јавноста, огорченоста во земјата се зголеми, како и притисокот од улиците.

https://p.dw.com/p/19Fj1
Фотографија: Meryem Gülbudak

„Мое е телото, моја е одлуката“ - под ова мото на улица излегоа стотици бремени жени во Истанбул, Измир и во други турски градови. На протестот од солидарност учествуваа и жени кои не се бремени, како и мажи, кои носеа надуени балони под своите кошули. Протестот беше организиран преку Твитер и Фејсбук.

Причина за демонстрациите беше интервју со Омер Тугрул Инанчер емитувано на државната телевизија ТРТ. Турскиот адвокат и исламски теолог побара бремените жени да останата дома. Тоа значи дека тие не треба да се појавуваат во јавност. Сепак, Претседателството за религиозни прашање - највисокиот исламски авторитет во земјата, ги отфрли ваквите идеи на Инанчер нагласувајќи дека исламот не дозволува изолација на жените и оти е дар од Бога да се биде мајка.

Erdogan PK Budapest 05.02.2013
Ердоган се залага против абортус и царски резФотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

„Ердоган е полош од неговите претходници“

Гневот меѓу Турчинките е голем. Бејхан Гунгор е 57-годишна мајка и сопруга, која не сака да дозволи државата да и’ диктира како да постапува со своето тело.

„За време на владава на АКП ние жените во последниве десет години сме под притисок. Се прави обид секој детал од нашиот живот да се организира. Беше кажано дека жените треба да седат дома и само да раѓаат деца. Најмалку три деца - како што кажа премиерот Реџеп Таип Ердоган“, вели Гунгор во разговорот за Дојче веле.

Активната демонстрантка и феминистка, како што таа самата се опишува, вели дека преживеала многу влади во Турција, но дека владата на Ердоган, која раководи со државата од 2003 година, е полоша од нејзините претходници.

Günes Akcay
Гинес Акчај, заменик-портпаролка на Партијата на иднината на зелените и левицатаФотографија: Günes Akcay/Meryem Gülbudak

„Врз основа на своите исламски корени, тој се обидува да го формира општеството врз основа на своите исламски погледи. Тоа ја ограничува слободата на жените“.

„Притисокот доаѓа од сите страни“

Минатиов викенд протестите на жените се одржаа и пред зградата на ТРТ во Измир - третиот по големина град во Турција, кој важи за посебно модерен и напреден.

„Се чини како тука да сум слободна. Но, речиси да не можам да ги носам моите кратки пантолони и здолништа “, објаснува 32-годишната Гинес Акчај, заменик-портпаролка на Партијата на иднината на зелените и левицата во Измир.

На жените над 30 години постојано им се вели дека конечно треба да родат дете и да се омажат, објаснува Акчај за Дојче веле. „Тоа ти го вели мајка ти, соседот и колегите на работа. Дури и твојот шеф го коментира твојот приватен живот“, додава таа објаснувајќи дека жените во Турција не се чувствуваат како индивидуи, туку како сопруги и мајки. „Пред се’ Ердоган постојано зборува за животот на жените. Тој зборува против абортус и против царски рез. Ние протестираме постојано на улиците против овој вид на политика на владата“, вели Акчај.

Но, на ситуацијата во Турција толку драматично не гледа германската активистка за заштита на правата на жените, Карин Ронге, која од пред 18 години се ангажира во невладината организација „Жени за човековите права на жените“ во Истанбул. Таа зборува за висок процент на образовани жени кои работат во банкарскиот сектор, училиштата и универзитетите. Според неа имало позитивен развој за жените кои се конзервативни муслиманки.

Beyhan Güngör Türkei Proteste
Жените сметаат дека владата и општеството им одредуваат што да прават во приватниот животФотографија: privat

„Не може да се каже дека владата на АКП промени се’ на полошо. На пример, религиозните жени се бореа за својата слобода да носат шамии на главите. Секако дека се’ зависи од тоа како луѓето однадвор го оценуваат ова, Секако дека не би требало да им биде забрането на забулените жените да посетуваат универзитети. Тоа е против нивното право на образование“, вели Ронге, притоа критикувајќи го турскиот премиер за ставот за абортусот.

„Забраната на абортусот не е озаконета, ама моралниот притисок се засили. Сега има доктори кои сметаат дека врз основа на своите религиозни погледи не би можеле повеќе да прават абортуси“, вели Ронге.