1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето во Доњецк е само мит

Кити Логан/ Жана Ацеска21 септември 2014

Семејството на Евдокимова два месеци поминало бегајќи од војната во Доњецк. Кога со своите пет деца тргнало назад во градот, брзо сфатило- мирот таму е уште далеку.

https://p.dw.com/p/1DGTY
Фотографија: Getty Images/AFP/Sergei Supinsky

Валентина Евдокимова седи во својот двор, а од близина доаѓаат постојано звуци на огнена стрелба.

„Токму сега седиме и слушаме звуци на гранати. Мислевме дека ќе биде тивко, дека владее мир, затоа се вративме со децата“, вели таа.

„Се вративме пред една недела. За цело време се пука, ова не е примирје“.

Недалеку отткука сопствениците на локалната продавница ги пребаруваат урнатините на запалениот пазар. Тука во понеделникот настрадаа шест луѓе кога минофрлач ги запали тезгите. Нападот беше неселективен, оваа станбена населба се најде под вкрстен оган во рамките на борбите за преземање на контролата врз аеродромот во Доњецк. Во средата утрото повторно беше погодена.

Станбената зона беше исто така гранатирана, па сега останаа јагленисани ѕидови и искршени прозорци. Од една зграда излегува млада жена, носејќи две торби. На патот кон автобуската станица, неа повторно ја пречекува звук на стрелба, но таа не застанува.

„Тоа е како музика“, вели таа, мирно чекајќи на својот автобус.

Борбите продолжуваат

Но, не се сите овде смирени и опуштени. Некои семејства порадо спијат во подрумите на блиското училиште за да ги избегнат гранатирањата. Овие денови тука нема настава. Зградата повеќепати беше погодена, директорката објаснува дека сега родителите се плашат да ги испратат тука своите деца. Стрелката на патчето пред училишттео покажува наместо кон влезот, кон засолништето во мрачниот, влажен подрум. Учениците сега овде ги поминуваат ноќите, наместо деновите во училниците.

Борбите не се ограничени на регионот околу аеродромот во Доњецк. Во Петровскиј, југозападно од градот, жестоката размена на оган започна во средата на пладне. Во локалното седиште на бунтовниците, тешко вооружените трупи го анализираат последниот напад, за кого тврдат дека дошол од украинската воена база оддалечена 15 километри.

„Тоа е нормално“, велат. Немаше примирје.

Но, овде цивилите ја плаќаат цената за неселективните напади и непредвидливите борби. Во средата во Доњецк беа убиени уште најмалку две лица.

Валентина Евдокимова е загрижена за своето семејство.

„Фал му на Бога, нашата куќа уште не е уништена, но не знам што ќе се случи во следните пет минути. Токму сега слушаме константни борби, децата се истрауматизирани, се плашат од секој звук“.

Неизвесна иднина

Евдокимова објаснува-без оглед на стравувањата, нејзиното семејство не може постојано да се сели. Пензиите и платите не стигнуваат и многу луѓе имаат финансиски проблеми. Но и ако имаат пари в рака, има само мал број продавници кои се отворени. Валентина раскажува дека се обидела да купи зимска облека за децата, но сите продавници биле затворени. Како и многумина овде, и тие се обидуваат да да го продолжат животот најдобро што можат.

Но, секој ден тие се соочени со вистински ризици, а војната се приближува кон населените зони и нема изгледи дека ситуацијата наскоро ќе се смири, и покрај договорот за примирје. Овдешниот впечаток е: бунтовниците ќе вложат дополнителни напори да го освојат остатокот од Донбас. Бидејќи тоа Киев веројатно нема да го толерира, натамошните борби се неизбежни.