Примената на пресудата Сејдиќ-Финци веќе не е императив за БиХ?
15 април 2014Состаноците на Европската унија за БиХ наликуваат едни на други - апели и храбрења по кои во Сараево ништо не се случува. Така и вчера во Луксембург шефовите на дипломатиите на ЕУ го повикаа раководството на БиХ итно да се зафати со социјалните и економски прашања во соработка со цивилното општество и младите. „На прво место е прашањето на невработеноста, потоа подобра соработка во економската и фискална политика, создавање подобро работно опкружување, јакнење на владеењето на правото, борба против корупцијата и заштита на човековите права“, стои во последните заклучоци на Советот на министри на ЕУ.
Нагласувајќи дека преку 50 отсто од младите во БиХ се неврабтоени, високиoт претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Кетрин Ештон изјави дека ги слушнала легитимните барања на граѓаните на БиХ. „Ја повикуваме власта во земјата да обезбеди конкретни и брзи одговори на оправданата загриженост и тежнеења на својот народ. Пред октомвриските избори во БиХ неопходно е да се работи повеќе, а не помалку“, додаде Ештон.
Сејдиќ-Финци во втор план?
Овој состанок донесе и мала новина - лидерите на ЕУ веќе не се интересираа за итна примена на пресудата Сејдиќ-Финци, кое би значело уставна реформа во БиХ, односно дека припадниците на сите народи можат да бидат бирани на функции како граѓани, а не како Срби, Хрвати, Бошњаци. „Тоа прашање е важно, но пред БиХ стои цел спектар прашања“, рече Ештон. „Во моментов разговараме за поширок пакет мерки за пораст на стопанството и вработувањето, како да ја поддржиме економијата и да ја придвижиме БиХ нанапред бидејќи земјата стои во место“.
Хрватската министерка Весна Пусиќ вели дека не е во прашање намалување на критериумите, туку дека до сега БиХ постојано се лизгаше наназад. „Приоритет е БиХ да се придвижи од место. Во заклучоците се споменува имплементацијата на Сејдиќ-Финци како тема за која би требало да се води сметка, но целта на целиот процес не е примена на таа пресуда туку примена со цел нормализација на функционирањето на институциите во БиХ“, рече Пусиќ.
Иборите во БиХ уште една можност
До сега Брисел пренесуваше јасен став - престојните избори во БиХ нема да бидат признати доколку не бидат спроведени според упатствата на Европскиот суд за човекови права, односно пресудата Сејдиќ-Финци. Меѓутоа вчера се слушна дека БиХ треба да преземе реформи „што поскоро по октомвриските избори“. „Се надевам дека политичарите ќе се вразумат и дека ќе го сторат она што е потребно. Сејдиќ-Финци не е толку голема работа и се надева дека ќе ја завршат, оти повеќегодишното заостанување на БиХ има последици по самата земја“, изјави шефот на шведската дипломатија Карл Билт.
И додека еден број членки (Хрватска, Словенија, Австрија, Унгарија) смета дека на БиХ ѝ е потребно „посебно внимание и нов пристап“, Билт повторува дека наместо да очекува од ЕУ нова стратегија“ идејата за тоа „како понатаму“ на европскиот пат мора да дојде од самата БиХ. „БиХ е демократска земја на која ѝ претстојат избори. Се надевам дека избирачите во БиХ ќе знаат да ја оценат одговорноста на политичарите за успеси или неуспеси“.
Советот на ЕУ уште една го потврди територијалниот интегритет на БиХ и ги осуди „сецесионистичките идеи и политиката на раздор“.