1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прима клима во ЕУ?

Бернд Ригерт/ А.Трајковска 24 октомври 2014

Магичната бројка е 40 проценти - толку треба да се намалат издувните гасови во Европа. Како прв регион во светот ЕУ ги утврди климатските цели пред големата конференција на ОН за климата во 2015 година.

https://p.dw.com/p/1DbPj
Фотографија: picture-alliance/dpa

На маратонската седница шефовите на држави или влади на ЕУ постигнаа комплексен компромис. Најзначајните елементи ги сублимираше претседателот на Советот на ЕУ во заминување Херман ван Ромпој: 40 проценти намалување на издувните гасови до 2030 година, 27 проценти удел од обновливите енергии и 27 проценти повисока енергетска ефикасност. „Тоа не беше едноставно“ вели Ван Ромпој, „но тоа е амбициозен, фер и исплатлив завршеток“.

Полска се избори за исклучоци

Полската премиерка Ева Копач имаше клучна улога на самитот. Копач, која од неодамна е на кормилото на владата во Варшава, се закани со вето против целите за заштита на климата. Таа беше согласна со целта, да се намалат 40 проценти од гасовите штетни по климата до 2030 година. Но, уделот од 30 проценти од обновливи извори за производство на енергија ѝ беше превисок. Исто така таа опстојуваше на тоа целите за штедење за поефикасно користење на енергијата да бидат под првично предложените 30 проценти. Најважно на Полјакињата ѝ беше и натаму да продолжат да работат термоцентралите на јаглен и со помош во милијарди од другите ЕУ -држави да бидат модернизирани. Полска произведува 90 проценти од струјата од камен јаглен и лигнит.

EU Gipfel in Brüssel
За крајот вистинска семејна фотографија: Hерман ван Ромпој со своите внуциФотографија: Carl Court/Getty Images

Канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Франција Франсоа Оланд, кои се залагаа за утврдување на целите за климатската заштита, разговараа со Ева Копач, по што беше дадена согласност за помош за Полска, која треба да се реализира преку исклучоци и дополнителни средства при трговијата со правата за емисии. Секоја од 28-земји членки мора да даде различен удел за постигнување на заедничката цел - редукција на 40 проценти од издувните гасови, во зависност од стопанските капацитети и состојбата во енергетскиот сектор. Помладите источни земји - членки ќе бидат помалку оптоварени отколку старите на западот.

Освен тоа и ЕУ- скептичарот Дејвид Камерон успеа да спроведе уште едно барање. Британскиот премиер опстојуваше на тоа еден дел од климатските цели да не бидат правно обврзувачки. Секоја земја треба самата да одлучува кои видови на производство на енергија ќе ги примени и колку климатска заштита ќе се постигне со заштеда на струја, гас и нафта.

ЕУ- државите исто така постигнаа согласност натамошно да ги надградуваат своите енергетски мрежи.

Од Кјото до Париз

Францускиот претседател Оланд на почетокот на самитот подвлече дека Европа би морала да им даде пример на другите региони во светот, кои не се толку далеку во климатската заштита. „Мораме да ги убедиме Кинезите и Амриканците“. Кина и Америка имено се земјите кои најмногу емитуваат гасови штетни по климата. Според ЕУ -Комисијата, Европа испушта само десет проценти од штетните гасови.

EU Gipfel in Brüssel
Меркел: Германија нема да има проблеми со европските климатски целиФотографија: Carl Court/Getty Images

Оланд пред сѐ се надева на успех на светската климатска конференција на ОН во Париз есента 2015 година. Таму треба да се постигне нов договор за заштита на климата, кој треба да го наследи Кјото-протоколот, постигнат во 1997 година.

Спротивни гледишта

Европскиот парламент, кој исто така има право на глас по однос на климатската политика бара од шефовите на држави или влади, преложените цели да бидат обврзувачки. Имено, како што подвлече шефицата на фракцијата на Зелените во ЕП, Ребека Хармс за Дојче веле, земјите членки сѐ повеќе се оддалечуваат од овие барања.

Европските индустриски сојузи и браншите кои интензивно користат енергија, како на пример челичната индустрија, стравуваат дека преострите климатски цели ќе ја намалат конкурентноста со другите региони во светот. Индустриските претпријатија би можеле од Европа да се отселат во други региони. Шефот на фракцијата на христијанските демократи во ЕП, Манфред Вебер, смета дека треба да се земе во предвид и стопанството: „Потребни ни се и интензивни дебати во ЕУ, за климатските цели да ги усогласиме со целите за пораст“.

По седум години стопанска криза во евро-просторот многумина шефови на држави или влади аргументираа на самитот дека стопанскиот пораст треба да има предност пред заштитата на климата. Здруженијата за заштита на животната средина напротив тврдат дека токму инвестициите во климатската заштита и новите енергетски избори ќе создадат работни места и ќе отоворат шанси за извоз на светскиот пазар. Исто така и Комисијата на ЕУ смета дека засилената заштита на климата ќе отвори најмалку 1,5 милиони нови работни места. До 2050 Комисијата на ЕУ има намера да го редуцира исфрлањето на штетни гасови дури за 80 проценти.

Infografik Globale Meeres-und Erdoberflächen-Temperaturanomalien von 1881 - 2014 in °C

Именуван координатор за ебола

Додека темата заштита на климата долго се дебатираше, шефовите на држави или влади брзо постигнаа согласност идниот комесар за хуманитарна помош Христос Стилианидес од Кипар, да биде и специјален пратеник на ЕУ за запирање на еболата во Западна Африка. Тој треба да ја координира помошта од 28 земји членки на ЕУ.

Стручњаците и‘ предочија на Европската унија, дека всушност има доволно пари. Пред сѐ недостасува персонал и изолациони станици. „Во трка сме со времето“, рече претседателот на ЕУ-Комисијата во заминување, Жозе Мануел Барозо. ЕУ конечно се разбуди, откако предолго, премалку правеше, рече тој.