Претседателите од регионот во Охрид
12 јули 2011Гости на Иванов се претседателите на Албанија, Црна Гора и Косово, Бамир Топи, Филип Вујановиќ и Атифе Јахјага.
Темите на состанокот, како што информираат од кабинетот на Иванов, доминантно се поврзани со ЕУ и НАТО интеграциите, а ќе се разговара и за начините за нивно олеснување преку јакнење на демократските и реформските процеси, зголемена економска соработка и поттикнување на регионални инвестиции, инфраструктурно и енергетско поврзување, како и прекугранична соработка во борбата против криминалот. Предвидено е Иванов да има одделни состаноци со тројцата претседатели, по што ќе следува заедничка пленарна средба.
Првата средба во ваков формат беше одржана во 2009 во Валона, Албанија, а втората во 2010 година во Призрен, Косово. Со цел безбедно и непречено одвивање на планираните средби и програмските активности во рамки на Регионалната средба на претседателите на Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово што денеска и утре се одржува во Охрид, Секторот за внатрешни работи – Охрид презеде серија оперативно-тактички мерки.
Автор: СН/ТТ/макфакс
Редактор: Борис Георгиевски