1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претресот на редакцијата на Кликс е „самрак на демократијата во БиХ“

Самир Хусеиновиќ / Е.М. Фиданоска30 декември 2014

Новинарските здруженија и Советот за печат на БиХ оценуваат дека полициската „акција“ во редакцијата на Klix.ba е „најлош вид на притисок врз слободата на информирање“. Дали полицијата држела новинари како заложници?

https://p.dw.com/p/1ECGX
Фотографија: klix.ba

Советот за печат во БиХ оцени дека полициската акција во просториите на порталот Klix.ba е „атак врз правото на јавноста да знае и да биде информирана“, изјави за ДВ директорката на Советот, Љиљана Зуровац.

„Неколку часа со колегите минав пред вратата на Кликс. Новинарите на овој портал навистина преживуваа страшни моменти, од бруталност до закани со тужби. На крајот, уништена им е компјутерската опрема, одземени им се хард дискови, цедеа, документи, дури и приватни мобилни телефони. Редакцијата е опустошена и онеспособена за работа. Ова што се случи е престрашно, толку е брутално и вандалски. Еден од полицајците од Република Српска (РС) на крајот турна еден фоторепортер. Нивната нетрпеливост беше очигледна“, изјави Љиљана Зуровац.

По упадот на Криминалистичката полиција на МВР на РС и Кантонот Сараево во просториите на Кликс, претресот и забраната за новинарите да известуваат за акцијата, Советот за печат во БиХ оцени дека ваква постапка е „најлош вид на притисок врз слободата на информирање и слободата на медиумите, како и директен обид за заплашување на новинарите“.

Bosnien und Herzegowina Internetportal klix.ba
Полицијата изнесува запленет материјал од Klix.baФотографија: klix.ba

Акцијата на полицијата на РС и Кантонот Сараево уследи откако Кликс (Klix.ba) објави аудио снимка во која премиерката на РС Жељка Цвијановиќ зборува за купување претставници во Народното собрание на Република Српска заради формирање парламентарно мнозинство. Полициската акција ја осудија новинарските здруженија од цела БиХ, претставници на институции на власта и опозицијата.

Младен Иваниќ: „Ова е најлош удар врз слободата на медиумите“

Претседателот на Претседателството на БиХ и лидер на Партијата за демократски прогрес (ПДП) Младен Иваниќ за Дојче веле изјави дека полициската интервенција во просториите на Кликс е „самрак на демократијата и најлош удар врз слободата на медиумите“.

„Во политиката сум долго, но не ми е познат ниту еден ваков пример. И самиот повремено сум бил изложен на медиумски критики, па и притисоци, но никогаш не ми паднало на ум да правам вакви работи. Ова е показател до каде дојде режимот, кој загуби секакво чувство за реалност. Ова не треба да се заборави, случајот треба да се истражи во деновите и неделите кои доаѓаат и да се покаже дека тоа беше брутална демонстрација на сила која не може и не треба веќе да заплашува никого“, рече Иваниќ за ДВ.

Wahl in Bosnien und Herzegowina Kandidat Mladen Ivanic
Иваниќ: Ова е брутална демонстрација на силаФотографија: DW/D. Maksimovic

Тој смета дека полициската акција во просториите на Кликс е „последен обид на претседателот на РС Милорад Додик и неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) да ги уплашат луѓето“. „Тие го вртат вниманието од пропаста на Бобар банката, од фактот дека госпоѓа Цвијановиќ зборуваше за купување луѓе кои ќе гласаат за нив. Сето ова укажува на скорешен крај на еден лицемерен режим“, тврди Иваниќ.

Кој во Федерацијата БиХ ги поддржува методите на Додик за застрашување на медиумите?

Иваниќ не е изненаден од фактот што Додик и во Федерацијата БиХ има поддршка за „застрашување на медиумите“. Тој потсетува дека МВР на РС не можело да делува во Сараево без одобрение на надлежните кантонални тела и(или) федералните политички моќници. „Институциите на власта секогаш наоѓаат луѓе, послушници кои се подготвени да ја наведнат главата“, вели Иваниќ.

Одлуката на Кантоналното обвинителство го запрепасти новинарот и адвокат Сенад Пеќанин. „Ова е шокантна и правно неверојатна одлука на Кантоналното обвинителство во Сараево. Апсолутно е неверојатно да се дозволи ваков брутален атак врз медиумите и слободата на информирање во БиХ која е заштитена со Уставот на БиХ и со Европската конвенција за основните права и слободи која е темелен дел на Уставот на БиХ“, изјави Пеќанин за Klix.ba.

Bosnien und Herzegowina Internetportal klix.ba
Уредниците на порталот Klix.ba се жалат на групо постапување на полицајцитеФотографија: klix.ba

Генералната секретарка на Здружението на БХ-новинари Борка Рудиќ оцени дека вакво полициско однесување е недопустливо и дека секој медиум има право на заштита на својот интегритет и извор на информации. „Апсурдно е полицијата да се занимава со тоа како медиумот дошол до спорната снимка и кој ја доставил, наместо да ја истражуваат неговата автентичност и лицата кои се споменуваат на таа снимка“, вели Рудиќ.

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ апелираше до властите во БиХ да сторат се‘ што е во нивна моќ за да го запрат прогонот на новинари, како и да го почитуваат нивното право на заштита на изворите. „Ова е сериозно и несразмерно мешање во новинарското право на известување за прашања од јавен интерес“, оцени Мијатовиќ.

По полициската акција, во просториите на Кликс е одржана прес-конференција, на која уредникот на овој портал Јасмин Хаџиахметовиќ повтори дека редакцијата нема да го открие изворот на снимката на којашто се слуша Жељка Цвијановиќ и уште една жена кои зборуваат за купување гласови заради формирање парламентарно мнозинство во РС. Хаџиахметовиќ соопшти дека е можна и тужба против МВР на РС, зашто, како што истакна, полицајците и физички ги нападнале фоторепортерите Един Хаџихасиќ и Феѓа Крвавац.