Претпазлива еуфорија кај грузиските стопанственици
21 јули 2014Челичарницата во индустрискиот град Рустави произведува со методи како во времето на Советскиот сојуз. Челичните блокови се извезуваат пред сѐ во Африка и во Централна Азија. Со околу 2000 вработени тоа е едно од најголемите претпријатија во Грузија. И натаму недостасуваат безбедносни стандарди и неопходна заштитна облека. Работниците се надеваат дека Договорот за асоцијација со ЕУ ќе донесе напредок.
„Сакаме да се приближиме до ЕУ. Сакаме да патуваме вез визи, се надеваме на повеќе работни места и пред сѐ на подобри работни услови. Приближувањето до ЕУ е национален интерес. Нашата земја со тоа има поголема безбедност и поголема поддршка“, вели Раул Комладѕе, вработен во челичарницата во Рустави.
Работните места -реткост
Тоа е и потребно, зашто челичарницата меѓу другото и натаму во воздухот испушта нефилтрирани издувни гасови. За да се доведе во најнова техничка состојба во фабриката мора да бидат инвестирани 140 милиони евра. Менаџментот на челичарницата се надева дека за таа цел ќе добие кредит од европските банки со поволни камати.
„По потпишувањето на Договорот за асоцијација имаме определено време во областа на заштитата на животната средина да се усогласиме со европските стандарди. Тоа ќе чини пари и големи напори. Ние сме подготвени за тоа“ , вели Фарук Сидикиу од менаџментот на челичарницата во Рустави
Во Грузија работните места се реткост. Речиси секој четврти Грузиец во меѓувреме се има отселено, пред сѐ во Русија. Многу Грузијци живеат од парите кои им ги испраќаат роднините од странство
Столб на економијата се малите семејни претпријатија. Оваа фирма со околу 100 вработени е меѓународно успешна. Претпријатието извезува сокови од органско потекло. Увозниците се пред сѐ од Италија, Грција и Унгарија. Царина за увоз во ЕУ веќе одамна не мораше да плаќа никој, објаснува сопственикот на фирмата. Но тогаш каква е ползата за него од Договорот за асоцијација?
„Тоа придонесува за доверба кај европските клиенти. Тие гледаат дека во Грузија има фирми со кои може долгорочно да се соработува, оти можат да увезуваат производи од Грузија. Тоа е најголемата предност на овој Договор.“, вели сопственикот на компанија за сокови, Владимир Гугушвили.
Добри односи и со ЕУ и со Русија?
И туристичкиот сектор полага надежи во подобрувањето на имиџот. само во изминатата година земјата ја посетија речиси 6 милиони гости. Две третини од нив дојдоа од соседните земји, Турција, Ерменија, Азербејџан и Русија. Наспроти тоа за многу Европејци, Грузија уште е непознат регион на географската карта. Трговците со сувенири како Темур Гиуташвили и не само тие се надеваат дека тоа набргу ќе се промени.
„Ја поддржуваме Европската унија и веќе доаѓаат повеќе туристи од ЕУ. Но во истовреме не треба да ги расипуваме нашите односи со Русија“, вели Темур.
Грузија во јужен Кавказ се гледа себеси како порта кон Западот. Притоа земјата сака добри односи и со ЕУ и со Русија.