1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата на МСП - важна алатка за патот до НАТО

12 јуни 2017

Потребен е нов заклучок на самитот на НАТО во 2018 година, со кој практично би се укинал заклучокот од самитот во Букурешт. Основа за тоа е пресудата на Меѓународниот суд на правдата, вели професорот Тони Дескоски.

https://p.dw.com/p/2eVDh
Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Подолг период се слушаат политички најави дека Македонија може да биде примена во НАТО под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. Но, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, ги релативизира ваквите очекувања, со став дека земјата ќе стане дел од НАТО само откако ќе се реши спорот со името.

„Грчката влада не отстапува од своите ставови и нема да потклекне под притисоци за прием на ПЈРМ во НАТО под привремената референца, како што во периодов интензивно се слуша од различни политички и медиумски извори и во двете држави. Сега, кога работите се стабилизираа, повторно ќе дојдат некои европски политичари и ќе кажат дека за да се стабилизира државата, треба да се внесе во НАТО и во ЕУ. Ние немаме ништо против, но тие треба да ги исполнат нивните обврски, што значи дека треба да престанат со иредентизам и да направат компромис во спорот за името“, изјавил Коѕиас, во говор во Кожани.

Пресудата - основа за нов заклучок

Во овој контекст се поставува прашањето - какво влијание може да има пресудата на Меѓународниот суд на правдата, од 5. 12. 2011 година, според која Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба, со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Односно, дали таа пресуда може да „превенира“ идна блокада од страна на Грција?

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag
Македонскиот тим во процесот пред Меѓународниот суд на правдата во 2011 годинаФотографија: MIA

Д-р Тони Дескоски, професор по меѓународно право на Правниот факултет на УКИМ, вели дека изборот на новата реформска влада во Република Македонија наиде на исклучително позитивни реакции кај нејзините западни сојузници. Според него, откако е јасно дека државата е вратена на европскиот пат, логично е да се отвори суштинското безбедносно прашање: како да се овозможи што е можно побрз прием на Република Македонија во НАТО, со цел демократската власт да се стабилизира, а земјата да се извлече од зоната на Руско влијание?

„Наједноставниот пат за тоа е преку механизмот договорен во Времената спогодба од 1995 година. За тоа да се изведе, ќе биде потребен нов заклучок на Самитот на НАТО во 2018 година, со кој практично би се укинал заклучокот од Самитот во Букурешт. Единственото можно алиби за таков потег е пресудата на Меѓународниот суд на правдата, во која експлицитно е утврдено дека Грција со повреда на Времената спогодба го спречила влезот на нашата земја во НАТО во Букурешт. Оттука, не се за изненадување јавно изнесените ставови на влијателни американски извори, како на пример, неодамнешната статија чиј коавтор е угледниот американски професор Едвард Џозеф (кој нам ни е познат од Меѓународната кризна група) во престижното списание 'Форин' Афеарс (Foreign Affairs), дека Времената спогодба овозможува ефикасен механизам за влез на земјата во меѓународните организации. Уште повеќе, и самиот Џозеф истакнува дека одржувањето на грчкото вето за нашиот прием во НАТО - е директно кршење на пресудата на МСП, а на тој начин Грција му ја отворила вратата на 'ефтиниот национализам и авторитарност на Груевски'“, посочува Дескоски.

Македонија не спроведува иредентизам

Изјавата на Коѕиас претходи на средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој во среда ќе ја посети Атина.

Griechischer Außenminister Nikos Kotzias
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос КоѕиасФотографија: Getty Images/AFP/P. Desmazes

„В среда доаѓа министерот за надворешни работи на БЈРМ за да дискутираме за тоа како можеме да ги развиеме нашите врски. Имаме предлози за дополнителни мерки за градење доверба и да дискутираме за тоа како може да разговараме во спорот за името. Нема да зборуваме за името, туку ќе зборуваме за методот“, посочил Коѕиас, додавајќи дека од разговорот со Димитров ќе процени дали новите изјави на македонската влада кон Грција имаат пријателски тон.

„Според моето мислење, изјавата на грчкиот министер за надворешни работи е само логичен одговор, на најновиот тренд, кој баш и не е најповолен за Грција“, вели Дескоски.

„Изјавата на Коѕијас треба да се чита во целина. Тој не инистира само на компромис за името, туку тврдоглаво продолжува со барањето за некакво 'прекинување на иредентизмот' од страна на нашата земја. Скорешната средба во Атина ќе биде добра можност за нашиот нов министер за надворешни работи да посочи дека Меѓународниот суд на правдата не одлучи само за нелегалноста на грчкото вето во Букурешт, туку уште поважно, ги прогласи за неосновани грчките наводи дека Република Македонија спроведува 'иредентистичка шема' кон Грција, олицетворена во бројни повреди на сопствените обврски од Времената спогодба. Со пресудата е јасно утврдено дека сите тие грчки наводи за наши повреди на Времената спогодба (освен еден од 2004 година, кој е поправен) се неосновани, што всушност значи дека Република Македонија не спроведува никаква иредентистичка шема спрема Грција, а за тоа има и потврда од страна на судскиот орган на ООН“, укажува професорот по меѓународно право.

Mazedonien Nikola Dimitrov
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола ДимитровФотографија: N. Dimitrov

Лесно достижен компромис

Делегација на македонската влада предводена од премиерот Зоран Заев, денеска во Брисел ќе има средби со високи претставници на ЕУ - Доналд Туск, Фредерика Могерини и Јоханес Хан, но и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Аналитичарите очекуваат на овие средби да биде потврдена поддршката за реформските, но и за евроатлантските интегративни процеси на Македонија. Во однос на второто, Дескоски пресудата од МСП ја смета за значајна алатка, но потенцира дека треба да се отфрли  досегашниот реторика во која таа беше спомнувана.

„Пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година, реши многу значајни прашања за грчко-македонските односи и тоа сите во наша полза. Тоа пак, јасно укажува дека таа треба да биде основата при градењето на стратегијата на нашата држава во поглед на добрососедските односи со Грција. Се надевам дека новата влада ќе се одлучи да го прекине игнорирањето на наодите од Пресудата и истата нема повеќе да ја користи по меѓународните форуми како крунски доказ дека во западниот свет нема правда и дека сите се против нас. Доколку Пресудата правилно се употреби како алатка од наша страна во дипломатските активности и доколку со нејзина помош се ослободиме од баластот на грчките неосновани обвинувања за наш иредентизам, компромисот со Грција за името на нашата земја станува лесно достижен“, оценува Дескоски.