Пресуда во полза на Фејсбук
31 мај 2017Пресудата на второстепениот судот во Берлин е спротивна на пресудата на покраинскиот суд донесена во 2015 година. Тужбата ја поднесе мајката на девојчето кое во 2012 година загина на станица од подземната железница во Берлин. Родителите сакаат да проверат дали можеби станувало збор за самоубиство и од Фејсбук бараат пристап до профилот на својата ќерка на оваа социјална мрежа, меѓу останатото и до пораките кои ги разменувала со пријателите. Мајката наведува дека како наследник има право на пристап до профилот на својата ќерка.
Но, американскиот концерн се противи на ваквото барање и притоа се повикува на заштитата на податоци. Според Фејсбук, профилот е тесно врзан со личноста на корисникот и не може да се наследува. Освен тоа, доколку се објави комуникацијата на починатото лице, тоа ќе ги погоди и другите корисници кои разменувале пораки со 15-годишното девојче.
Во првата инстанца, покраинскиот суд донесе пресуда во полза на мајката. Фејсбук поднесе жалба. Судиите првично предложија спогодување, но до такво нешто не дојде. Според она што двете страни го најавија пред денешната пресуда, случајот најверојатно нема да биде денеска затворен и ќе се најде пред повисока судска инстанца. Експертите наведуваат дека ова е прва судска постапка која се занимава со наследувањето на Фејсбук-контото и би можела да биде патоказ при одлучувањето по прашања кои се однесуваат на дигиталното наследство на една личност.