Пресметано несогласување
24 мај 2016Ајман Мазиек, претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, чадор-организација која претставува преку 30 различни групи, ја покани претседателката на АФД (Алтернатива за Германија) Фрауке Петри на разговори, надевајќи се дека ќе ја убеди да ја намали анти-исламската реторика на нејзината партија. Наместо разговор, средбата заврши скандалозно, по помалку од еден час, а Мазиек ја обвини радикално-десната партија дека го загрозува социјалниот мир во земјата.
„Не е изненадување што разговорот меѓу Алтернатива за Германија Централниот совет на муслиманите не успеа“, пишува Мителдојче цајтунг. „Интересно е зошто тоа се случи: Фрауке Петри, шефицата на АФД, го отфрли барањето да го повлече ставот за забрана на минариња во Германија. Централниот совет на муслиманите од АФД не бараше ништо друго, освен да се откаже од таа своја противуставна позиција, а партијата не можеше на тоа да реагира поинаку. Членовите на АФД наводно се колнат во патриотизам, во кој очигледно не спаѓа и уставниот патриотизам“, пишува весникот.
Тирингер алгемајне на истата тема: „Што очекуваше Централниот совет на муслиманите од состанокот? Дека АФД ќе ја повлече одлуката во врска со Исламот донесена на партискиот конгрес? Тешко веројатно. Бидејќи партијата досега беше многу успешна во тоа од стравот и омразата да создава свој политички капитал. Прифаќањето на состаноците со претставниците на муслиманите, за потоа бучно да го прекине, тоа одлично се вклопува во сметката на АФД“.
Меркипе одерцајтунг: „Беше јасно дека АФД и Централниот совет на муслиманите немаат многу што да си кажат едни на други. А сигурно не беше тешко да се помисли дека нивниот состанок во понеделникот (23.05) беше инсцениран како провокација. Централниот совет на муслиманите тоа не го сфати, и се фати на јадицата на Фрауке Петри. Со барање од неа да ја смени партиската програма само и се даде шанса да се прикаже како демократска политичарка која отфрла таков вид мешање. Лесно е да се разбере што стои зад тоа: погледнете, муслиманите не се држат ни до основните правила на правната држава и сакаат да ги ревидираат демократски донесените одлуки. Тоа е пораката која треба да остане во свеста на јавноста- а не намерата на АФД да го жигоса Исламот и на тој начин и четири милиони муслимани во Германија. Тоа е валкана замка“.
Зидојче цајтунг заклучува: „Убавината на пропаднатиот состанок е во тоа што сега обете страни се уште поуверени во својот поглед на светот и што се разијдоа стекнувајќи впечаток дека еден на друг си кажаа се в лице. Ајман Мазиек од Централниот совет на муслиманите може да каже дека се обидел да преговара, но дека со АФД не може да се разговара. Фрауке Петри може да се радува што успешно го прекина разговорот. Советот на муслиманите се обиде да понуди минимум консензус, секако под свои услови и во своја корист, но со политички конвенционални методи: прво се води вербален судир, потоа се наоѓа почна на која обете страни можат да стојат- несигурно, но заедно. АФД не е заинтересирана за консензус, туку за пресметано неслагање. Оние кои уживаат во инсценираните судири, можат да се надеваат на голема забава во изборната 2017 година“.