Преку 350 милиони деца живеат во кризни региони
15 февруари 2018Секое шесто дете во светот расте во конфликтно подрачје, вкупно 375 милиони деца, што е зголемување од 75 проценти во однос на 1990-те години, се констатира во извештај на хуманитарната организација „Спасете ги децата“.
Половината од овие деца живеат во региони каде владеат посебно тешки конфликти. Како најопасни места организацијата ги наведува Сирија, Авганистан и Сомалија. Драматичното влошување на ситуацијата, според извештајот, се должи на различни причини. На пример, зголемен е бројот на напади во густо населените области и во градовите, а зголемено е и времетраењето на оружените конфликти.
Насилство, грабнувања, смрт
На децата им се закануваат смрт и насилство, сексуално искористување и киднапирање, истакнува шефицата на „Спасете ги децата“, Хеле Торнинг-Шмит. „Детските родни куќи, училиштата и игралиштата се претворија во борбени арени“, вели поранешната данска премиерка. Бројот на деца загинати или ранети во конфликти, според извештајот, од 2010. година наваму бележи пораст од 300 проценти. Паралелно со тоа, на сѐ поголем број деца им е ускратен пристап до хуманитарна помош.
На Блискиот Исток две од пет деца живеат во кризен регион, во Африка - едно од пет. Бројките се вистински шокирачки, потенцира Торнинг-Шмит. Таа апелира до меѓународната заедница одговорните за оваа состојба да бидат повикани на одговорност и да се направат поголеми напори за заштита на децата во светот.