Прекинат штрајкот во Луфтханза
8 септември 2012Кабинскиот персонал на Луфтханза се согласи денеска да се врати на работа во авионите, откако синдикатот УФО и менаџментот на компанијата се договорија до крајот на следната недела да најдат заемно прифатливо решение на спорот околу платите. Во барањето на решениетo треба да помогне и посредник меѓу компанијата и синдикатот. Штрајкот беше прекинат пред крајот на денот. Додека не се донесе одлука за арбитражата, веќе нема да има штрајк, соопшти синоќа уфтханза. Раководството на „Луфтханза“ ваквата одлука ја оцени како „огромен чекор“.
Пресвртот се случи кога менаџментот се согласи повеќе да не вработува песонал на определено време, со што исполни едно од главните барања на синдикатот. УФО бара и зголемување од 5 проценти на платите, а Луфтханза нуди 3,5 покачување на месечните приходи.
И вчерашниот штрајк предизвика хаос низ Германија. Луфтханза преку електронска пошта и СМС пораки информираше околу 55.000 патници дека нивните летови се откажани. Авиокомпанијата во просек дневно оперира на 1.800 летови.
Првиот штрајк се случи на аеродромот во Франкфурт, вториот на Тегел во Берлин и на аеродромот во Минхен, а вчерашниот трет штрајк беше организиран низ цела Германија. Кабинскиот персонал стапи во четвртокот на полноќ во 24 часовен штрајк. Штрајковите се последица на 13-месечните преговори на Луфтханза и синдикатот кој, освен зголемување на платите и запирање на вработувањата на евтина работна сила, бара и запирање на преместувањето на работните места во странство.