Предупредување за Олимпија
22 август 2016Трката на сто метри е хајлајт на Олимписките игри. Со ова се согласуваат најголемиот дел од навивачите. Речиси и нема друг натпревар кој ги фасцинира луѓето ширум светот толку како спектаклот на спринтерите од десет секунди. Но, кога дури и за овој спектакл не се продадени сите билети, тогаш нешто е гнило во државата Олимпија. Олимпискиот стадион во другите денови во кои се одржуваа клучни атлетски натпревари беше често пополнет само 60%. Арените за борење, мечување, велодромски велосипедизам, фудбал, па дури и пливање често беа слично посетени. Причина: за многу Бразилци Олимписките игри едноставно беа прескапи. Но тоа не е целото објаснување. Речиси половина од околу 280-те илјади билети поделени на ученици останаа неискористени. Дали Олимпија загуби од привлечноста?
И да и не. Не, зашто и Рио 2016 понуди неверојатно возбудливи завршетоци, како финалето во фудбал меѓу Бразил и Германија, каде одлуката падна по изведувањето пенали, потоа емоционалното тениско полуфинале меѓу Дел Потро и Надал, рагби-триумфот на Фиџи, победата во последна секунда на француските ракометари против Германија или финалето во друмски велосипедизам на Копакабана кое го качи пулсот на гледачите во невидени височини. Спортските натпревари меѓу луѓето од сите земји во светот сѐ уште фасницинира и за екраните, радијата или смартфоните врзува милијарди гледачи и слушатели. Истовремено, меѓутоа, одговорот гласи и да, зашто Игрите се оддалечуваат сѐ повеќе од своите корени и идеали. Комерцијализацијата на Игрите која сѐ повеќе доминира, сомнежот во прикажаните резултати кој е посеан по големиот број допинг-скандали, делумната парализа на јавниот сообраќај надвор од резервираната олимписка патека, строгите безбедносни мерки кои станаа неопходни - сето тоа се фактори кои ја објаснуваат извесната рамнодушност на публиката.
На луѓето им е доста од олимпискиот гигантизам
Рио, кој всушност го сака спортот, не е сам. Други градови отидоа многу подалеку: Минхен, Краков, Стокхолм, Осло и Хамбург на Олимпија ѝ рекоа „не“ уште во процесот на пријавување кандидатура. Превисоки трошоци за даночните обврзници (во финансиски притеснетиот Рио - десет милијарди), премногу специјални желби на Меѓународниот Олимписки Комитет (ИОК) и на крајот опасност од пропаѓање на неискористени спортски арени, како во Атина - на многу луѓе им е доста од олимпискиот гигантизам.
Кога освен тоа високи финкционери на ИОК, како Патрик Хики, се занимаваат со продажба на билети на црно и поради тоа се апсат, се потврдува сликата за корумпирани и алчни спортски функционери со кои мора да смета секоја земја домаќин. И, кога згора на сѐ атлети како американските пливачи Рајан Лохти и Џејмс Фајген измислуваат кражба за да го свртат вниманието од сопствениот вандализам, јасно е дека Олимпија во моментов има проблем со имиџот. Колку е воопшто веродостојно т.н. Олимписко семејство?
Позитивните допинг-тестови покажуваат: чисти Игри се само илузија
Сомнежот како секогаш трчаше, фрлаше, скокаше и возеше заедно со атлетите. Контроверзен развој на настаните, меѓу другото во велодромскиот велосипедизам, случаи на допинг во кревање тегови: при допинг-контролите некои очигледно лошо обучени контролори ги заменија имињата, па дури и полот на тестираните спортисти. Дел од волонетрите ги најавија несакајќи допинг-тестовите кои требаше да бидат ненајавени. Оттука, зад системот на контрола во Рио мора да се стави прашалник. И онака десетиците позитивни дополнителни тестови од Пекинг, Лондон и Сочи покажуваат дека сметката се испорачува подоцна и оти чисти Игри се само илузија.
Не смеат да останат неспоменати и чудните работи со кои спортските функционери сите нас постојано нѐ вчудовидуваат. Сомнеж во олимписката логика фрла не само фактот што голем дел од рускиот тим смееше да настапува на ОИ, но не и на Параолимписките игри. На одлуката за гласноговрник на атлетите да се назначи Русинката Јелена Исинбаева, која доби забрана за Рио поради сомневање за допинг, може само со неверување да се врти со главата. А, да не зборуваме за фактот дека на ФИФА-функционерот Иса Хајату му беше дозволено да биде дел од доделувањето на медалите, чест која не смееше да му биде укажана на близок соработник на Блатер, против кој се води истрага поради обвинувања за корупција,
Па, сепак: Игрите на младоста сѐ уште се брилијантна идеја. Народите од светот да се донесат мирно на едно место, на спортски натпревар и културна размена, и натаму останува извонредна идеја. Меѓутоа, голема грешка е ако оваа средба станува сѐ поголема и поскапа. Рио, со полупразните арени, му даде сигнал на предупредување на ИОК. Останува надежта дека пораката ќе биде разбрана.