1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навистина толку важни или можеби не?

Инес Пол/сн1 февруари 2016

Со предизборите во Ајова и во Њу Хемшир, во САД започнува жешката фаза во битката за Белата Куќа. И натаму е сѐ возможно, па дури и Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/1HmkM
Фотографија: Reuters/J. Young

Речиси никој во САД во целост не го разбира комплицираниот систем за донесување одлука за претседателскиот кандидат на американските партии. Но речиси секој жител на САД знае дека од т.н. предизбори во сојузните држави Ајова и Њу Хемпшир зависи иднината на политичарките и политичарите кои во име на една од двете главни политички опции во земјата се борат за да станат претседателски кандидати.

Истотака за оној кој не израснал со овој систем е тешко разбирливо зошто токму Ајова има толку големо значење. Особено ако се земе предвид дека во неа живеат само еден насто од жителите на САД и оти во Ајова има четирипати повеќе свињи отколку луѓе. Но токму тука на 1 февруари почнува официјалната борба за номинацијата на претседателските кандидати.

Мали предизбори од големо значење

Кога се говори за улогата која овие предизбори ја играат во процесот на избор на нов претседател, речиси и да станува збор за филозофско прашање. Дали се тие толку важни бидејќи честопати го предвидувале трендот на целата предизборна битка? Или пак се важни затоа што луѓето кои учествуваат во нив го одредуваат трендот во наредните месеци? На тоа прашање навистина најдобро би одговорил некој филозоф.

USA Wahlkampf Donald Trump Soloauftritt Iowa
Фотографија: Reuters/A. P. Bernstein

За водечките кандидати е јасно дека оној, кој од самиот почеток не учествува во оваа бизарна трка, тешко дека подоцна ќе биде во состојба да го надомести загубеното. И ако ниту во една од овие сојузни држави не освојат номинација, тоа дури и за најсилните кандидати би можело да го значи почетокот на крајот. Зошто е тоа така?

Победник на изборите

На овие предизбори кандидатите би морале да покажат дека навистина вредат да бидат избрани, оти не се само во состојба да соберат милиони долари и така да си обезбедат приврзеници, туку дека навистина се во состојба да ги освојат гласовите на избирачите. Не само да победуваат во анкетите туку и кај самите избирачи. Тие значи би морале да покажат дека можат да ги исплонат очекувањата кои ги разбудиле кај граѓаните. Не само така да изгледа, туку така и да биде. Тоа во овој медиумски театар веројатно игра најголема улога.

А очекувањата кај секој избирач се малку поинакви. да почнеме со Доналд Трамп: веќе повеќе од половина година тој е оној кој ја одредува медиумската перцепција на републиканците. Сите коментатори се согласни во едно: и покрај неговите вознемирувачки истапи и без оглед на нив, тој е оној кој владее со насловните страници. Ако им се верува на анкетите, луѓето го сакаат бидејќи успеал да се профилира како независен аутсајдер, како некој кој не е корупмиран, како некој кому може да му се верува, или пред сѐ како човек кој знае како да победува.

Но токму сите овие карактеристики би можеле да бидат кобни за него во Ајова. Оваа сојузна држава е мала, многу „бела“ и многу религиозна. Тоа се земјоделци кои веруваат во Бог а не толку во самодопадливи, двосмислени вицови. Сосема е возможно тие да не „паднат“ на шоуто на Трамп.

Што тогаш? Што ќе стори оној кој сѐ полага на успех, доколку изгуби. Ќе се откаже? Неговите внатрепартиски непријатели ќе ги искористат тие рани. Републиканскиот естаблишмент и онака го мрази до срж/ Во толкава мерка, што некогашниот градоначалник на Њујорк мајкл Блумберг најави сопствена кандидатура доколку Трамп ја освои кандидатурата кај републиканците а Берни Сандерс ( за американски услови екстремно левичарски политичар) кај демократите.

А демократите?

Сандерс е провокација на другиот крај од спектарот. Само пред неколку недели изгледаше незамисливо дека овој непознат, самонаречен социјалист ќе има некакви изгледи против кланот Клинтон- сега на чело со Хилари. Но ако им се верува на анкетите, изгледа дека токму такво нешто е и возможно.

USA Wahlkampf Demokraten Sanders Clinton
Фотографија: picture-alliance/Landov

Што ако Сандерс победи во Ајова? Што ќе значи тоа за Хилари Клинтон? Или со други зборови ако на Сандерс му појде од рака она што му успеа на Обама во 2008. Неговите советници подоцна говореа дека токму таа победа беше темел за неговата подоцнежна кандидатура. Бидејќи победникот го добива сето внимание и позитивни извештаи, додека за поразениот останува презирот и големото прашање: ако не успеал овде кај своите приврзеници, како тогаш ќе биде во ноември кога на избирачките места ќе излезат сите гласачи а не само приврзениците на поединечни партии?

Ваквите сомнежи се отров за финансиерите, за оние кои ги поддржуваат кандидатите кои изгубиле на предизборите а на крајот и за неодлучните избирачи на „вистинските“ избори. историјата е преполна со оние кои ги жртвуваат своите убедувања за да застанат на страната на победникот. Ретко кога воведот во предизборната претседателска кампања во САД бил толку возбудлив и неизвесен. А современа Америка никогаш досега не била толку поделена. Берни Сандерс од едната и Доналд Трамп од другата страна се лицата на овие екстреми.