Предвремени избори во БиХ?
3 август 2011Уште по објавувањето на резултатите минатиот октомври, професорот Пејо Гашпаревиќ изјави дека е можно владата во БиХ да не се формира до наредните избори. „Тоа е радикална процена, за која не тврдам дека ќе се оствари, но не треба ни да се исклучи“, порача по изборите професорот Гашпаревиќ.
Денес тој е уште помалку оптимист во поглед на формирањето нова влада. Гашпаревиќ оценува дека нови, предвремени избори би биле можеби најдобро решение за кризата: „Ми се чини уште повеќе можно дека на БиХ ќе и’ требаат нови избори, бидејќи нема ниту трага од некаков договор на партиите во наредните два-три месеци, пред се’ меѓу бошњачките партии, но и меѓу хрватските.“ Згора на тоа и од Република Српска не се откажуваат од барањето за четири министерски места, меѓу кои секако треба да биде и она на првиот човек на дипломатијата. На истата функција претенедира и Социјалдемократската партија.
Партиите не се заинтересирани за централна влада
Тоа што не може да се формира централна влада во БиХ остава лош впечаток во однос на меѓународната заедница, но политичкиот аналитичар Енвер Казаз сепак не верува дека би можело да дојде до предвремени избори: „... од проста причина што сегашните политички елити ги сместија своите кадри во управните и надзорни одбори на јавните претпријатија, на директорските позиции. Тоа беше она што нив навистина и ги интересираше. Не верувам дека Златко Лагумџија така лесно би влегол во ризик да ги загуби тие позиции“, појаснува експертот Казаз.
За разлика од него, новинарката Гордана Катана смета дека неформирањето на власта цели 10 месеци по изборите би требало да предизвика тревога во секоја нормална демократска земја. Тоа во БиХ не се случува. Од друга страна, таа се прашува и што би донеле новите избори: „Знаејќи го однесувањето на бирачкото тело во БиХ, веројатно би ја добиле истата слика за односот на силите како минатиот октомври. Се сомневам дека проблемот со формирање на новата влада ќе ги разбуди граѓаните за да кажат, сега ќе излеземе на избори и ќе избереме некои нови политички опции, кои ќе бидат во состојба да се договорат“, оценува новинарката Катана.
Статус-кво што им одговара на политичарите
Професорот од Бања Лука, Миодраг Живановиќ, смета дека власта во БиХ ионака не сторила ништо за да го подобри животот на граѓаните: „На сите им одговара одложувањето на решението, бидејќи така ништо не се менува. И за жал секој дел од земјата може да живее самостојно. Се наоѓаме во пат-позиција и можеме само да преживуваме на овие простори, како што тоа впрочем го правевме и изминатите 16 години.“
Професорот Гашпаревиќ оценува дека новите парламентарни избори би можеле да се очекуваат наредната година, кога ионака доаѓа терминот за комунални избори. На тој начин меѓународната заедница би можела да го спаси и својот авторитет, бидејќи и таа е виновна за сегашната состојба. До сега меѓународниот фактор се задоволи со јавните апели и предупредувања дека формирањето централна власт во земјата е многу важно и за напредувањето на нужно неопходните реформски процеси. За крајот на август се најавени нови преговори меѓу политичките партии, но веднаш мора да се каже дека тие доаѓаат со истите позиции, кои веќе ја предизвикаа политичката криза.
Автор: Драган Максимовиќ / Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска