1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Пре)големи очекувања од Андреј Пленковиќ

Синиша Богданиќ
10 октомври 2016

Шефот на ХДЗ Пленковиќ денеска доби мандат за состав на нова влада. Очекувањата од него се големи, од продолжување на финансиската консолидација до претворање на ХДЗ од десничарска во конзервативна партија

https://p.dw.com/p/2R4JZ
Kroatien Zagreb Wahlampf - Wahlkampfplakat HDZ Andrej Plenkovic
Фотографија: Getty Images/AFP/Stringer

Двојбите околу мотивите на мандаторот за состав на нова влада, шефот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, сѐ уште постојат. Додека едни го нарекуваат само пристојна маска за партијата „подивена под водство на Томислав Карамарко“, други наведуваат дека амбициите на Пленковиќ се преголеми за хрватски рамки.

„Од Пленковиќ очекуваме продолжување на финансиската консолидација со намалување на даночните стапки за труд и капитал. Со тоа би ги намалиле високите премии за ризик кои ги плаќаме со каматните стапки. Со намалување на ризикот на државата, ќе се намали и ризикот за граѓаните и претпријатијата кои ќе можат поедноставно да се задолжуваат“, објаснува за Дојче веле Крунослав Шариќ, претседател на Здружението на даночни обврзници Липа. „Тогаш би се опоравило финансиското здравје на државата и би се намалил ризикот, а со него и каматната стапка на пример за 2 процента, што за буџетот би значеле 2 милијарди куни. Замислете што би можело да се направи со тие пари!“

Нагаѓањата дека Пленковиќ ќе го задржи во владата досегашниот министер за финансии Здравко Мариќ, според Шариќ се за поздравување: „Сетете се само како го одби издавањето обврзници по превисока цена. Тоа е потег вреден за пофалба кој кај нас ретко се гледа.“   

За разлика од многумина, Шариќ не го доживува Мост како потенцијална пречка во доброто функционирање на владата, туку како добредојден коректив.

Премногу „министри за надворешни работи“

Односите меѓу ХДЗ и Мостќе влијаат врз бројни прашања, од политиката кон комерцијалните банки, во случај на конверзија на кредити во швајцарски франци, до судир со претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ околу концептот на безбедноста, со оглед што Влахо Орепиќ од Мост веројатно ќе продолжи да го води Министерството за внатрешни работи, вели независниот аналитичар Давор Џенеро.

„При анализата на односите меѓу Пленковиќ и Грабар-Китаровиќ може да се претпостави дека ќе доминира  надворешнополитичка блискост, тие се ориентирани проевропски и евроатлантски“, смета Џенеро. Сепак, кај владејачките партнери е можен конфликт околу водењето на надворешната политика и тоа поради преголем број квалификувани луѓе.

Џенеро притоа ја набројува претседателката Грабар-Китаровиќ, самиот Пленковиќ, Гордан Јандроковиќ, Давор Стиер и Давор Божиновиќ, луѓе кои имаат дипломатско искуство. „Тука секогаш демне опасност, без оглед на надворешнополитичката блискост и пристојните односи, да дојде до судир на суети и интереси. Ми се чини дека претседателката му понудила на Пленковиќ поделба на надлежностите. Изгледа очекува нејзе да ѝ се остави водењето на проектот Јадарн-Балтик-Црно Море, очекува и овластувања во рамки на безбедноста. Таа претпоставува дека ќе дојде до заострување на мигрантската криза и европскиот договор за илегална миграција, што ќе бара пофлексибилно користење на полицијата и војската. Во тој контекст ќе се бара поголемо влијание на Министерството за внатрешни работи, како и овластувања за војската на границите. Тоа на некој начин е спротивно со интерсите со идниот министер за надворешни работи кој доаѓа од квотата на Мост и кој се обидува да води политика на континуитет на она што пред него го работел министерот од СДП Ранко Остојиќ. Тоа е потенцијален судир меѓу владата и претседателката.“

Davor Gjenero
Давор ЏенероФотографија: DW

Хрватска „Ти парти“

Колоквијално наречениот Закон за абортус е втор надворешнополитички тест за новиот премиер, со оглед што неоконзервативните организации веќе подолго време, увезувајќи политика од САД, се обидуваат да им го оспорат правото на жените на избор. Но тоа, вели Џенеро, не е нова тенденција, таквиот конфликт е зачнат уште во текот на 90-те години во ХСЛС, што е нетипично за либералите. 

„Денес тоа веќе го нема. Левицата е на про-избор позиција, а конзервативниот дел од арената е благо на про-лајф позиција, како претседателката, но без склоност кон радикализација и криминализација на абортусот. Расправата за Законот за абортусот е пред Уставниот суд.“ Така, Пленковиќ би можел да води умерена политика по ова прашање, вели нашиот соговорник.

Претприемачите се чувствителни на „крпењето“ закони

Но, една работа за идниот премиер ќе биде „жежок костен“. Енергетиката тој прагматично ја препушти на Мост. „Пленковиќ е во тешка позиција. Хрватска мора да направи придвижување во енергетската политика, но претходниците на Пленковиќ од ХДЗ го контаминираа политичкиот простор. Кога станува збор за односите меѓу Хрватска и Мол, би била рационална политика на компромис. Таа би го довела во јавноста во тешка позиција и би се нашол под удар на обвинувања дека ја продолжува коруптивната политика почната во времето на Санадер. Против тоа тешко би се борел.“ Џенеро смета дека добро решение би било ангажирање на овој план на релевантни хрватски експерти за енергетика во креирање конзистентна енергетска политика.  

Она од што гарнитурата на Пленковиќ треба да се воздржи, вели нашиот соговорник Шариќ пак, е пребрзано донесување закони. „Понекогаш е подобро да се остават работите онакви какви се, отколку да се внесе несигурност во економијата поради која претпријатијата на можат да вршат адекватно планирање на среден рок. Ако законот не чини, подобро е да биде укинат отколку да се донесуваат десет подзаконски акти“, заклучува Шариќ.