Прво уништуваше војната, па поплавите и сега доаѓа зима...
20 декември 2014Од војната тешко оштетените улици во Газа во ноември беа под вода. Неколку часови дожд на крајот на ноември беа доволни за да се поплават делови од густо населениот крајбрежен појас. Илјадници луѓе избегаа пред поплавите. „Моравме да ги ставиме на располагање училиштата за да ги сместиме луѓето“, раскажува Аднан Абу Хасна, портпарол на организацијата на ОН за помош на палестински бегалци УНРВА во Појасот Газа.
Во текот на наредните недели температурите треба да се намалуваат, а количествата дожд да се зголемуваат. Може да се очекуваат нови поплави. Со тоа хуманитарната состојба натамошно ќе се влошува. „Ако врне повторно ќе бидеме сведоци на катастрофа во Газа“, вели Абу Хасна во разговор за ДВ. По уништувањата за време на седумнеделната војна, сега се закануваат нови опустошувања од страна на природата.
За жителите на Појасот Газа војната меѓу израелската армија и радикалната палестинска организација Хамас во јули и август беше само последниот во целата низа воени судири. Но ниту една од претходните војни не беше толку крвава и не остави толкави оштетувања. Во израелските напади беа убиени 2155 Палестинци, а повеќе од 11.000 беа повредени. На израелска страна загинаа повеќе од 70 луѓе. На 360 квадратни километри, колку што е голем Појасот Газа, од бомби беа погодени станбени згради, училишта и инфраструктура. Десетици илјади останаа без покрив над главата. Покрај стотиците илјади бегалци, кои веќе со децении живеат во лоши услови, сега и тие имаат потреба од помош.
Организациите на ОН, како и приватните и државните организации за помош, се обидуваат да го ублажат големото страдање. „850.000 бегалци зависат од нашата хуманитарна помош“, нагласува Абу Хасна. Организациите, покрај храна и вода, на располагање ставаат и пари за сместување и за обнова. Тие, освен тоа, се и важни работодавачи, со оглед на тоа што повеќето од луѓето во населените места во Појасот Газа немаат редовни примања.
Опасноста од нови поплави е голема
Хуманитарната организација Оксфам Интернационал, покрај другото, плаќа работници кои се грижат за уништената канализација. „Ризикот од поплави во Газа е многу висок“, објаснува Арва Мхана која работи за Оксфам во Газа. Системот за вода за пиење и одводот се апсолутно несоодветни на потребите. Од една страна, во војните се уништени цевките, а од друга страна во регионот речиси и не пристигнува градежен материјал и технички апарати поради долгогодишната израелска блокада.
И снабдувањето со струја, од што во многу објекти зависи греењето, постојано се прекинува. Единствената централа во Појасот Газа е тешко оштетена од бомби. Од ноември, според портпаролката на Оксфам, таа работи барем со половина капацитет. „Периодите на немање струја се намалени од 18 на 12 часови дневно“, нагласува Мхана. 1,8 милиони луѓе во Појасот Газа струја имаат половина ден, иако токму во зима се зголемува потребата од енергија. „Од тоа се погодени не само домаќинствата, туку и здравството, системот за водоснабдување и пречистителните станици“, вели Мхана.
На УНРВА и‘ се потребни повеќе пари
За неопходната помош меѓутоа недостигаат пари. УНРВА минатата недела упати итен апел до меѓународната заедница да стори повеќе за Палестинците. „Од јануари ќе немаме веќе пари за додатокот за домување и за финансирање на поправките на десетици илјади објекти за сместување“, се жали портпаролот на УНРВА Абу Хасна. Само за сместување на бегалците се неопходни натамошни 624 милиони долари, со оглед на тоа што се оштетени 96.000 објекти
Но дури и да има финансиски средства, страдањето нема толку бргу да се ублажи. Во изолираниот Појас Газа не доаѓа градежен материјал во доволни количества. За такво нешто е неопходна заедничка акција на организациите на ОН, палестинските автономни власти, Хамас и израелската влада. Израел ги контролира стоките кои доаѓаат во регионот, како и извозот оттаму. Со оглед на тоа што Газа нема свое пристаниште или аеродром, таа е упатена на граничните премини кон Израел. Границата кон Египет е главно затворена поради лошата безбедносна состојба на полуостровот Синај.
Поради лошата ситуација, уништувањето и невработеноста, луѓето во Газа се без надеж, објаснува Абу Хасна. Има многу бес. „Во Газа се складира многу негативна енергија“, вели тој. „Стравуваме дека тоа ќе доведе до ново насилство ако состојбата не се подобри.“