1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првите набљудувачи на ОБСЕ пристигнаа во Украина

АТ/ ард/ миа / дпа23 март 2014

Експерти на ОБСЕ пристигнаа во Украина. Мисијата меѓутоа нема да се спроведе и на полуостровот Крим. Во меѓувреме висок командант на НАТО соопшти дека Русија распоредила голем број сили по границата со Украина.

https://p.dw.com/p/1BUb5
Фотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Првите соработници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) пристигнаа во Украина. Ова го потврди портпарол на ОБСЕ за московското студио на првата програма на германската телевизија. Наредните денови постепено ќе се реалзира набљудувачката мисија во целата земја. Тимовите ќе ги посетат градовите како Лавов на западот на земјата и Доњецк на истокот на Украина.

Нивна задача ќе биде да водат разговори со претставници на властите, но и со претставници на религиозните групи и етнички малцинства. Притоа, според ОБСЕ, станува збор за безбедносната состојба во поединечени делови на земјата.

На полуостровот Крим набљудувачите немаат пристап. Русија се спротивстави на тоа со образложение дека полуостровот е веќе руска територија. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамајер сепак оцени дека мисијата на ОБСЕ е напредок: „Тоа не е политичко решение, но може да даде придонес тензиите да не прераснат во нови судири и пролевање на крв“.

ОБСЕ најпрво има намера да испрати околу 100 експерти. Германија понуди да стави на рапсолагање до 20 набљудувачи. Украинската влада и Западот стравуваат дека Русија би можела да пројави интерес за истокот на Украина. Претседателот Владимир Путин додуша се изјасни дека останува на анексијата на Крим, меѓутоа постои несигурност.

НАТО: Русија распоредила голем број сили по границата со Украина

Високиот командант на обединетите вооружени сили на НАТО во Европа генерал Филип Бридлав изјави дека Русија распоредила голем број сили по источната граница на Украина и истакна оти тоа го загрижува, бидејќи може да е закана за Придњестровјето.

NATO Flagge Logo
Фотографија: NATO

Бридлав изрази загриженост од тоа дека Москва ја исполнува тактиката на ненадејни воени вежби, за да ги подготви силите за евентуално брзо навлегување во соседна држава, како во случајот со Крим.

Пред десет дена Русија почна нова воена вежба со учество на 8.500 припадници на артилеријата во близина на границата со Украина. „Руските сили, кои сега се по границата со Украина, се многу, значително многу“, рече Бридлав.

Руското министерство за одбрана ги отфрли ваквите извештаи и побара пред се’ од САД да не ја подгрева ситуацијата. Русија се придржува до меѓународните спогодби, изјави заменикот-министер за одбрана Анатолиј Антонов за агенцијата Интерфакс.