1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Првиот дрон за патнички превоз во светот

СН/ агенции
8 февруари 2018

Сцените на кои сме навикнати само од научно-фантастичните филмови сега се многу поблиску до обичните луѓе.

https://p.dw.com/p/2sK26
CES 2016 - Ehang 184 Multikopter
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во кинескиот град Гвангжу својот прв јавен лет го имаше првиот беспилотен патнички воздухоплов наречен Еханг 184. Со новоразвиеното летало, сѐ што патниците ќе треба да сторат е да влезат во малата кабина, да ги врзат сигурносните појаси и автоматскиот систем за летање го презема останатото.

„Ниту еден од традиционалните воздухоплови не може да ја оствари целта за целосно автономно летање, така што тие сѐ уште се далеку од обичните луѓе. Но нашиот успешен лет значи дека сцените на кои сме навикнати само од научно-фантастичните филмови сега се многу поблиску до обичните луѓе“, истакна Ху Хуажи, генерален дирактор на кинеската технолошка компанија Еханг.

Првиот патнички дрон во светот

Нејзиното летало Еханг 184 работи на електричен погон и може да превезува еден патник со тежина до 100 килограми на лет долг 23 минути со брзина од 100 километри на час. Компанијата вели дека дронот бил тестиран преку 1.000 пати и оти е дизајниран да издржи умерен ветер до 50 километри на час. Во минатата година, градот Дубаи најави планови за соработка со Еханг за развој на самолетечко такси за превоз на патници низ градот. 

Dubai Drone Taxis
Фотографија: picture alliance/AP Photo/J.Gambrell

Компанијата меѓутоа предвид има поширок пазар: „Дронот може да им помогне на луѓето да го избегнат сообраќајот на земја, но можеме да размислуваме и за други примени како на пример во итната спасувачка служба, или може да пренесуваме пациенти до болница или во туризмот да превезуваме луѓе од еден на друг остров“, вели Дерек Сионг, соосновач на Еханг. Во компанијата велат дека беспилотниот патнички дрон ќе биде пуштен во комерцијална употреба во рок од една година.