Прва израелска копнена операција во Газа
13 јули 2014Израелски специјални единици во текот на ноќта започнаа копнена операција во северниот дел на Појасот Газа, која е прва откако во вторникот е започната офанзива против палестинското движење Хамас, јави израелското радио.
Цел на краткиот упад на елитните единици на морнарицата на палестинска територија било место за лансирање ракети.
Следува пообемна копнена операција?
Военото крило на Хамас, Бригадите Изадин ал Касам, ги потврди вооружените престрелки со израелски командоси.
Израелски воен портпарол истакна дека четворица израелски војници биле полесно повредени за време на оваа операција.
Претходно, израелската војска им нареди на Палестинците, кои живеат во северниот дел на Појасот Газа, да се евакуираат поради сопствена безбедност.
Бригадниот генерал Моти Алмоз, кој е главен воен портпарол, изјави дека Израел планира да го нападне тоа подрачје во следните 24 часа, со цел да ја зајакне офазивата против екстремистите во Појасот Газа, од каде се истрелуваат ракети кон Тел Авив. Милитантните Палестинци, пак, во текот на вечерта и ноќта повторно испукаа ракета во насока на Израел, меѓу другото и кон меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ кај Тел Авив. Повеќето од ракетите биле уништени во воздух од страна на израелската противвоздушна одбрана.
Многу цивилни жртви во Газа
Израел веќе шест дена спроведува тешки воздушни напади врз цели на Хамас во Појасот Газа, со цел меѓу другото и да ги запре ракетните напади врз израелска територија. Според палестински извори во бомбардирањата досега загинале најмалку 163 лица, најголемиот дел од нив цивили.
Во меѓувреме Советот за безбедност на ОН на синоќешната седница побара прекин на огнот во израелско-палестинскиот конфликт кој е концентриран на Газа.
Во декларацијата усвоена од сите 15 членки се бара деескалирање на насилството, враќање на мирот и продолжување на директните преговори меѓу Израел и Палестинците со цел постигнување сеопфатен мировен договор врз основа на решение за постоење на две држави.
Во документот се изразува загриженост поради кризата поврзана со Газа и за заштита на животите и имотите на цивилите од двете страни. Покрај тоа, СБ на ОН бара почитување на меѓународните хуманитарни закони, вклучувајќи и заштита на цивилите.
Оваа резолуција не е законски обврзувачка за двете страни во конфликтот, но го одразува мислењето на претставниците на меѓународната заедница и е прв одговор на СБ на ОН, кој инаку нема единствен став кон израелско-палестинскиот судир.