1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празни места во публиката на Олимпијадата во Лондон

Стефан Сфрегола / Александар Методијев4 август 2012

И покрај атрактивните натпревари, многу места остануваат празни на олимписките стадиони во Лондон. Тоа не е поради мала побарувачка, туку поради резервирани билети кои потоа не се користат, на незадоволство на фановите.

https://p.dw.com/p/15hCN
Фотографија: Reuters

Една жена ја има, а и друга исто така - високо-бараната олимписка влезница до која е тешко да се дојде. А, потоа можат да се видат вакви слики – празни места, дури и на посебно атрактивните натпревари, како што е тенисот или гимнастиката.

„Празните места се разочарување. Вчера вечер гледавме на телевизија дека има многу места кои не се пополнети и срамота е што многу луѓе, како нас, не можат да влезат“, смета една Британка.

Olympia 2012 Leere Sitzplätze Leere Ränge
Организацискиот комитет на Олимпијадата најде решение - празните места ги пополнува со војнициФотографија: Reuters

„Дојдовме од другата страна на светот за да бидеме тука. Ако некој не ги користи тие седишта, тогаш апсолутно пуштете не’ внатре“, смета една посетителка.

Овој проблем всушност стана врвен приоритет. „Ќе се погрижиме за тоа и мислам дека ЛОКОГ добро се справува со проблемот“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон.

„Дупките“ се полнат со војници

На прес конференцијата на ЛОКОГ, Лондонскиот организациски комитет одново и одново се поставува истото прашање – кој ги поседува неискористените влезници во официјално распродадените арени?

„Делумно се акредитираните претставници на медиумите, а би рекол и мал број на спонзори. Но, кога ќе слушнам одредени коментари, мислам дека е погрешно да се каже дека се работи за проблем со спонзорите. Тие карти одат кај голема група на луѓе“, рече Марк Адамс, портпарол на ЛОКОГ.

Olympia 2012 Leere Sitzplätze Leere Ränge
Празни места нема само на тениските и гимнастичарски натпревари, туку и на фудбалските мечевиФотографија: Reuters

Објаснувањата се чини дека се исто толку бескорисни, како и краткорочното решение.

„Да, очигледно е дека некои од тие седишта не се искористени и затоа ставаме таму војници“, рече Себастијан Коу, шеф на Лондонскиот организациски комитет.

Војници во моментов во Лондон има повеќе од доволно и ако нешто не чуваат, тогаш треба да ги пополнат грдите дупки во спортските сали. За фановите, кои мораат да останат надвор без влезница, секако дека ова не е решение.