1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правда за жртвите од војната во БиХ

26 октомври 2009

Со години живееше скриен, постојано беше лоциран, но не и уапсен. Со задоцнување, но сепак - стигна во Ден Хаг. Водачот на босанските Срби Радован Караџиќ пред Меѓународниот суд за правда одговара за воени злосторства.

https://p.dw.com/p/KFOO
Радован КараџиќФотографија: AP

Процесот против еден од најбараните луѓе во светот ги буди сеќавањата на една војна, која Западот речиси и ја заборави. Преживеаните ќе раскажуваат за стравотиите на војната: за босанско - српските милиции, кои од околните планини го бомбардираа Сараево повеќе од три години. Преживеаните ќе зборуваат за рафалите на снајперистите, од кои животот го загубија повеќе од 10.000 деца, жени и мажи, но и за гладот, лишувањата и преплашеноста до смрт на луѓето кои во овој град, но и во други места, беспомошно беа изложени на теророт на снајперистите. Ќе раскажуваат и жените од Сребреница: како ги одвеле нивните мажи, синови и татковци и во планините свирепо биле убиени од босанско-српските милиции. За овој масакр врз 8.000 муслимани - најголемиот по крајот на Втората светска војна - Радован Караџиќ исто така се повикува на одговорност, како и за опсадата на Сараево и многу други т.н. „етнички чистења“ во местата каде некогаш живееше население мешано по националност.

Karadzic vor Gericht
Жена од СребреницаФотографија: AP

Колку се излечени раните од минатото?

Четириниаесет години по крајот на војната, овој процес повторно ќе отвори стари рани. Но, колку од овие рани воопшто се залечени во изминативе години? Членовите на семејствата на жртвите одговараат: зависи од тоа дали ќе стигне правдата. Имено, лекувањето на раните може да почне, кога ќе биде најдена сатисфакција и кога ќе биде задоволена правдата. Токму тоа го очекуваат од процесот. Откако ненадејно почина човекот кој ги влечеше конците, Слободан Милошевиќ, во текот на неговиот процес во Ден Хаг, поранешниот водач на босанските Срби е највиокиот по ранг воен злосторник, кој сега стои пред судот. Иако од агол на членовите на семејствата на жртвите ниту една казна се чини не е доволна, самиот факт дека Караџиќ пред суд е конфронтиран со злоделата за кои се товари, е сатисфакција за членовите за семејствата на жртвите.

Karadzic vor Gericht
Јули 1995, бегалци од БиХФотографија: AP

Белград ја отфрла улогата на „агресор“ и стравува од сведочењето на Караџиќ

Но, надвор од ова, процесот повторно ќе предочи колку малку страните во војната го надминале овој дел од историјата. До денес српската влада опстојува на тоа, дека војната во Босна беше граѓанска војна, со која српското раководство под Милошевиќ нема никаква врска, туку дека сите три страни во конфликтот - Хрватите, Србите и босанските муслимани подеднакво правеле злодела. Во ова е уверено и мнозинството од српското население. Притоа, познато е дека раководствотo во Белград за време на војната ги поддржуваше босанските Срби со оружје, војници и логистика на тајните служби. Кога српскиот претседател Борис Тадиќ, како што се случи и неодамна, отфрла дека неговата земја имала улога на „агресор“ , тој не само што ги става сите три страни во конфликтот на исто рамниште, туку многу повеќе - Белград стравува пред се’ дека Караџиќ ќе успее да го увери судот дека само примал наредби од владата во Белград. Во случај Караџиќ да може да го докаже ова, се заканува повторно отворање на тужбата на Босна и Херцеговина против Србија за геноцид пред Меѓународниот суд, која е поврзана со тужбата за надомест на штета во висина од милијарди. Тогаш Србија ќе ја стаса сенката на минатото.

Karadzic vor Gericht
Судницата во Ден ХагФотографија: AP

За да бидат излечени раните од војната, пред судот треба да се изведе и Ратко Младиќ

Тоа дека барем Радован Караџиќ го стаса неговото минато, уште сега се смета за сигурно во државното обвинителство до Ден Хаг. Имено, тие се уверени дека можат да докажат негова лична вина за повеќе воени злосторства и злосторства против човештвото. Ловците во Трибуналот за поранешна Југославија научија од грешките во минатото: прецртани се точки во обвинението за процесот да не се одолговлекува, како што беше случај со Милошевиќ. Имено, времето и без тоа притиска: до крајот на 2010 година мора да бидат завршени сите постапки. Но, за раните од војната вистински да бидат излечени, мора пред суд да биде изведен и последниот од „познатите“ осомничени воени злосторници во бегство, Ратко Младиќ.

Radovan Karadzic
Радован КараџиќФотографија: DPA

Тоа веќе одамна не е така безизгледно, како што беше пред 15 години, кога Трибуналот, опремен со скромни средства, изгледаше како тигар без заби. Хашките судии не се сомневаат дека и во иднина воени злосторници и диктатори нема да може да се извлекуваат од нивната одговорност. Затоа припадниците на семејствата на жртвите, ќе бидат подготвени уште еднаш да се соочат со раните од војната.

Автор на коментарот: Верица Спасовска

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска