Правата на хомосексуалците во Косово се само на хартија
30 јуни 2011Беџет Шаља, извршен директор на Одборот за заштита на човековите права со седиште во Приштина, кажува дека хомосексуалната популацијата на Косово е во лоша положба, иако со закон е признаена. Традицијата и околностите во кои живеат се само некои од причините зошто тие се дискриминирани во општеството.
„Ова што сега се случува на Косово не е добро. Тие се всушност заштитени со Уставот на Косово, меѓутоа поради околината во која живеат, тие не се прифатени и тие се дискриминирани“, вели Шаља.
Тоа го потврдува и Игбала Ругова, која и самата припаѓа на оваа популација. Според нејзините зборови, пред војната имало подобра организација, имале скоро редовни неделни состаноци на кои присуствувале жени од цел регион. По војната, формирана е група, но се состануваат по приватни станови и на забави. Жртви се на општеството, па семејството е единственото кое може да ги поддржи.
„Го знам тоа лично, бидејќи знам дека мене семејството ме поддржа. Затоа и сум уште во Косово. Во спротивно, ако не ме поддржеше семејството, немаше ни да бидам на Косово“, нагласува Игбала Ругова.
Никој не знае точно колкава е хомосексуалната полулацијата на Косово, иако поединечни невладини организации правеле некои истражувања. Организирана е и јавна дебата во рамки на програмата „Живот на Косово“, која беше поддржана и од некои познати личности.
Парадата на гордоста не би донела насилство?
Различни се мислењата за организирање на „Парада на гордоста“. Ругова не е за такво нешто.
„Не можеш скоро гол да излезес на улица и да кажеш: ова е мое право! Тоа не е твое право. Можеш скоро гол да излезеш во твојата куќа, но не и на јавно место“, вели Игбала Ругова.
Шаља смета дека не би имало проблеми доколку такво нешто се организира. „Знаете како, Косово е едно шарено општество. Овде има луѓе од целиот свет. Јас мислам дека некој нив може да им се обрати со погрдни зборови, но не верувам дека би биле физички загрозени“, смета извршениот директор на Одборот за заштита на човековите права во Косово.
Игбала Ругова признава дека жените се во подобра позиција од мажите и е оптимист кога станува збор за иднината на косовската хомосексуална популација. „Гледам дека младата генерација, а јас гледам од женска страна, не за мажите, дека се повеќе и повеќе се осилени да го продолжат животот како што сакаат тие“, вели Ругова.
Многу од припадниците на хомосексуалната популацијата, поради тоа што средината, а и полицијата не се однесува добро со нив, заминале надвор од Косово барајќи азил.
Автор: Рефки Алија/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска