Почнува Форумот на ЕАПС во Охрид
28 јуни 2007Првите официјални гости на НАТО форумот во Охрид пристигнуваат денеска напладне, меѓу нив и генералниот секретар на Алијансата Јаап де Хоп Шефер. Присуството на Форумот го потврдија 49те земји членки на ЕАПС. Околу 20 од нив ќе бидат претставени на ниво на министри за надворешни работи, за одбрана и за економија. Американската делегација ќе ја предводи амбасадорот во НАТО, Викторија Нуланд, а на исто ниво ќе биде застапена и Грција.
Промовирањето на мирот и стабилноста - главната тема на Форумот
Дискусиите ќе се одвиваат во три панели на теми сврзани за Авганистан, Косово и иднината на Балканот и за Енергетската безбедност.
Работниот дел ќе почне утре претпладне. Вечерва претседателот на Македонија Бранко Црвенковски ќе приреди прием за учесниците по што следува неформална вечера на која ќе се обрати генералниот секретра на НАТО Јаап де Хоп Шефер и министерот за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски. Во текот на денешниот ден македоснкиот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски предвидено е да оддржат повеќе билатерални средби. На маргините на самитот денеска попладне предвидено е да се оддржи средба на Партнерската комисја на Јадранската повелба. Претставниците на Македонија, Хрватска и Албанија уште еднаш ќе ги потврдат НАТО аспирациите и ќе побараат прием во Алијансата во 2008 година на самитот во Букурешт.
Зголемени безбедносните мерки во Охрид
За безбедноста на високите гости ќе се грижат околу 5000 полицајци. Авиони на НАТО исто така ќе го надлетуваат Охрид и терииторијата на Македонија.
Безбедносните мерки се највисоки во комплексот Горица каде се оддржува Безбедносниот форум на НАТО. Но и главната охридска артерија Булеварот Туристичка исто така постојано е под надзор на македонската полиција. Пајакот пак постојано ги отстранува возилата кои не се придржуваат кон строгиот сообраќаен режим.
Мислењата на граѓаните поделени
И додека едни од граѓаните го поддржуваат оддржувањето на НАТО форумот во Охрид и го гледаат како шанса за туристичка промоција во светот, има и такви кои негодуваат
„Ми пречи секако дека ми пречи оваа блокада, особено на улицата Туристичка. Ми пречат и големиот број униформирани полицајци. Меѓутоа од интерес на градот е и афирмација на државата. Најверојатно вака треба да биде“ вели жителка на Охрид.
„Често разговараме за настаните во врска со форумот. Градот ни е супер среден. Кога би се случувале уште повеќе вакви настани, можеби уште повеќе ќе се среди.“ – „Покрај сите позитивности кои се случуваат во градот ми пречат големите билборди кои се поставени. Посебно пречат во погледот од нашите домови во зградите кон улицата Туристичка. Тие се груби и со големи димензии“ - забележуваат Охриѓани.
Паралелно со Форумот во Охрид, НАТО клубот на Македонија утре и задутре во Струга органзиира младински безбедносен форум. Тема е предизвиците на глобалната безбедност и одговорноста во оваа 2007 година.