1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина фудбалската легенда Еузебио

ЕМФ/бета5 јануари 2014

Легендата на португалскиот фудбал Еузебио почина минатата ноќ во Лисабон од срцев удар, јави португалската агенција Луса.

https://p.dw.com/p/1AlRb
Фотографија: picture-alliance/Pressefoto UL

Еузебио беше неколку пати во болница поради различни здравствени проблеми. Во јуни 2012 година тој беше хоспитализиран поради церебро-васкуларни проблеми.

Еузебио да Силва Фереира е роден на 25 јануари 1942 година. По потекло е од Мозамбик, поранешна португалска колонија.

Познат под прекарот „Црн пантер“, Еузебио беше член на португалската репрезентација која освои трето место на Светското првенство во 1966 година во Велика Британија. На тоа првенство беше прогласен за најдобар стрелец со девет голови.

Portugals Fußball-Legende Eusebio ist tot
„Црниот пантер“ на натпреварот против Милан, на 22 мај 1963 годинаФотографија: Hulton Archive/Getty Images

Ја има освоено Златната топка во 1965 година, а четирипати беше најдобар стрелец на португалската лига. Најголем дел од својата кариера мина во Бенфика (1960-1975), и за тоа време постигна 315 голови на 301 натпревар, со што е најдобар стрелец на тој клуб на сите времиња. На 727 настапи во кариерата постигна дури 715 погодоци.

Меѓународната фудбалска федерација го прогласи за деветти најдобар играч на сите времиња, додека Фудбалската федерација на Португалија во 2003 година го прогласи за најдобар фудбалер на таа земја во изминатите 50 години.