1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Колин Пауел

БГ /РТР
18 октомври 2021

Поранешниот министер за надворешни работи и началник на армијата на САД, Колин Пауел почина на 84 години како последица на компликации од ковид-19, соопшти неговото семејство.

https://p.dw.com/p/41oWI
USA | Ex-Außenminister und Republikaner Powell will für Trumps Rivalen stimmen
Фотографија: imago images/UPI Photo

Колин Пауел е првиот афроамериканец државен секретар во историјата на САД и таа функција ја извршуваше во периодот од 2001 до 2005 година, за време на администрацијата на републиканскиот претседател Џорџ Буш.

Неговото семејство на Фејсбук соопшти дека Пауел почина како последица од ковид-19 иако бил целосно вакциниран. 
„Загубивме извонреден и сакан сопруг, татко и дедо и голем Американец“, соопшти семејството. 

Претходно, Пауел служеше и како национален советник за безбедност, а четири години беше на чело на Генералштабот на американската армија. 

Роден во Њујорк во 1937, син на имигранти од Јамајка, Пауел ја почнал кариерата како професионален војник и за 35 години стигнал до рангот на генерал со 4 ѕвездички. Во Армијата надгледувал 28 светски кризи и настани, меѓу нив инвазијата врз Панама во 1989 и операцијата Пустинска бура против Ирак во 1990-1991. 

BG US-Invasion in Panama 1989 | Colin Powell und Dick Cheney
Колин Пауел и Дик Чејни во 1989 година за време на инвазијата врз ПанамаФотографија: AFP/B. Pearson

Неговиот мандат како државен секретар беше многу контроверзен поради неточното оправдување на причините за воената инвазија врз Ирак во 2003 година. Беше принуден да поднесе оставка откако Буш беше реизбран на функцијата во 2004 година. 

Во април 2001 година, како државен секретар Пауел ја посети Македонија и разговараше со тогашниот државен врв во екот на воената криза.