Почина осомничениот нацистички злосторник Чотари
12 август 2013Осомничениот нацистички злосторник Ласло Чотари почина во Будимпешта на 99 години, беше соопштено денеска (12.08.). Адвокатот Габор Хорват изјави дека Чотари починал во болница во Будимпешта како последица од воспаление на бели дробови.
Обвинителството во Будимпешта во јуни на судот му предаде тужба против Чотари со која се товари за депортацијата на повеќе илјади Евреи во концентрационите логори за време на Втората светска војна.
Според обивнителството, Чотари во 1942 година бил именуван за шеф на полицијата во Кошице, во денешна Словачка. Откако Германците го окупираа Кошице во тој град беше формирано гето од каде со помош на локалната полиција биле сместени, а подоцна и депортирани илјадници Евреи. Чотари се товари дека во периодот од 1941 до 1944 година во голема мера соделувал во депортацијата на 15.700 Евреи од гетото во Кошице во концентрационите логори на националсоцијалистите.
Чотари, според тврдењето на обвнителството, имал придонес во тортурата на Евреите кои од Кошице биле депортирани во концентрациониот логор Аушвиц.
Тој во 1948 година во Кошице во отсуство беше осуден на смрт, но пребега во Канада, каде се криеше под лажен идентитет.
Откако канадските власти во 1995 година го открија неговиот идентитет, Чотари се врати во Унгарија.
Тој беше на листата најбарани нацисти на центарот Симон Визентал. Уапсен беше на 18. јули 2012 година во Будимпешта и му беше одреден домашен притвор.