1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пофални зборови за Хрватска и Словенија

5 ноември 2009

Хрватска е поблиску до прием во ЕУ откако премиерите на Хрватска и на Словенија ја потпишаа Спогодбата за меѓународна арбитража за спорот околу морската граница. Брисел и САД го поздравија потпишувањето на договорот.

https://p.dw.com/p/KOow
Јадранка Косоор и Борут ПахорФотографија: picture-alliance/ dpa

Еврокомесарот за проширување Оли Рен им честита на Хрватска и на Словенија за, како што го нарече, историскиот договор за меѓународна арбитража и ги повика двете земји што поскоро да го ратификуваат. Ова е најевропски начин на мирно решавање на споровите, се надевам дека Хрватска со тоа ја поминува последната милја во преговорите, кои влегуваат во завршна фаза, се вели во изјавата на Рен.

И САД се задоволни од договорот, кого го сметаат за важен. Им честитаме на премиерите на двете земји на храброто и визионерско водство долгогодишниот спор да се реши со арбитража. Ова е во интерес на двете земји како добри партнери и соседи, на регионот и н ацела Европа, изјави портпаролот на Стејт департментот Јан Кели.

„Ова беше аплауз упатен кон моите храбри колеги и премиери Косор и Пахор“, изјави пак вчера на прес конференцијата претседавачот со ЕУ, шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд откако хрватската премиерка и нејзиниот словенечки колега ги ставија потписите на документот.

Договорот предвидува формирање арбитражна комисија за решавање на граничниот конфликт, во кој суштината е дали Словенија преку заливот Пиран ќе добие пристап кон отворено море. Спорот потекнува уште од 1991 година, од времето на распадот на поранешна Југославија. Арбитражната комисија треба да ја започне работата дури откако Хрватска ќе потпише договор за пристап во ЕУ, што значи, кога ќе биде веќе полноправна членка.

Договорот сега треба да го ратификуваат парламентите на двете земји, а опозицијата од двете страни на границата веќе излезе со негативни реакции. Поради тоа постојат одредени задршки дали и кога тој ќе добие одобрение во Хрватска. Словенија пак ќе изврши консултации со Уставниот суд -дали е договоорт во согласност со словенечкиот устав.

Автор: ЖА/СН/хина/бета/дв

Редактор: Александра Трајковска