Потфрлањето на политичките елити на Балканот
16 август 2015Ни во Косово ниту во Албанија, а истотака ни во Србија, Босна и Херцеговина или Македонија нема војна, глад или измачување. Повеќе од деценија и половина, земјите создадени по распаѓањето на поранешна Југославија и нивните соседи живеат во мир. Хрватска и Словенија дури станаа членки на Европската Унија. Перспектива за влез во ЕУ со години веќе ја имаат и поголемиот број од овие земји од овој дел од Европа.
Значи, тука владее состојба која не може да се спореди со состојбата во Сирија, Ирак или Авганистан каде граѓаните секојдневно умираат поради борби и тероризам. Но и покрај тоа, огромен број од населението од Балканот ги напушта своите домови за да бара азил во Германија. Тие бегаат од сиромаштија и недостаток на животни перспективи. Разочарани и фрустрирани од политичкиот и општествениот статус-кво во своите татковини. И за тоа најголема вина имаат балканските политички елити.
Залудно потрошена помош од ЕУ
Милијардите од Брисел не дадоа/поттик за политички и економски развој. И ЕУ перспективата не влијае многу за претерана агилност на политичарите кога се во прашање реформите. А и зошто би влијаела? Бидејќи додека парите од ЕУ течат, а тие земји не се во составот на ЕУ, локалните политичари не мораат никому да му се правдаат и можат опуштено да уживаат во своите бенефиции.
Во земјите од Западен Балкан стапката на невработеност во последните две децении е меѓу 20 и 50 проценти. Во БиХ над 60 отсто од младите се невработени. Дури и добро образуваните млади академци тешко доаѓаат до вработување. Бидејќи непотизмот и корупцијата ја уништуваат секоја можност за адекватно работно место. Начинот на кој политичките елити се раширени во општеството има знаци на епидемија. Политиката, иако индиректно, е најголемиот работодавач: кој ќе седне на директорско место или во портирница одлучува политичката гарнитура на власт. Квалификациите или степенот на образование не играат никаква улога.
Со оглед на ваквите услови, не е ни чудно што се шири резигнација. Партиска книшка поседуваат многумина не за да можат конструктивно да влијаат на политичкиот живот, туку да ги зголемат можностите за вработување. Во Македонија, Косово и во Албанија повеќе од половината добро образувани млади изразија желба за иселување.
Недостасува социјална инфраструктура
Проблемот е и во тоа што по пропаѓањето на старите системи не е инвестирано во социјална инфраструктура, на пример во функционирање на здравството. Тоа најмногу ги погодува Ромите кои и на Балканот се наоѓаат на најниската социјална скала. Тие не се дискриминирани само по национална основа туку тие најмногу страдаат од имплозија на социјалните структури. Многу често, поради тоа што немаат здравствено осигурување, не можат да одат на лекар. Ромите доаѓаат во Германија затоа што парите кои ги добиваат кога се наоѓаат во постапка за признавање на азил за нив многу значат. И покрај тоа, во Германија на располање имаат бесплатна лекарска помош. Во меѓувреме автократските структури во многу земји од Западниот Балкан дополнително се зацврстија. На пример, Црна Гора која повеќе од 20 години се наоѓа цврсто во рацете на кланот на премиерот Ѓукановиќ. Или Македонија каде десно-конзервативната влада се наоѓа под обвинение дека масовно ги прислушкува граѓаните и упатува закани со смрт на независните новинари и медиуми.
Авторитарни структури
Слична е и ситуацијата во Косово кое од своето прогласување на независност во 2008. де факто е под надлежност на ЕУ. Но и покрај повеќегодишното присуство на Еулекс, мисијата која требаше да го зацврсти правниот поредок, корупцијата и тесната поврзаност на политичките и мафијашките структури го карактеризираат општествениот пејсаж. Многу пратеници и политичари се поранешни припадници на ОВК која, според извештаите на специјалниот известувач на Советот на Европа Дик Марти, се вмешани во многу воени злосторства како убиства и киднапирања.
Во мултинационалната држава Босна и Херцеговина политичарите и 20 години по војната играат исклучиво на национална карта, наместо да ги се фатат во костец со неопходните политички и економски реформи. Половина од младите сакаат да ја напуштат земјата. Се’ помал е бројот на млади луѓе кои се решаваат да /формираат семејство. Погубен тренд во земјата која и онака мака мачи со наталитетот.
ЕУ може и мора да изврши притисок
Бавната преобразба во демократски и правни општества на земјите од Балканот во Брисел, што е и разбирливо, предизвикува фрустрации. ЕУ и онака се насочи кон кризните жаришта како Украина и Грција. Но можеби масовниот егзодус на балканското население повторно ќе го стави овој регион во центарот на вниманието. Би било добро кога Брисел малку повеќе би се заинтересирал за реформскиот застој во својот двор. Ако треба, некаде, и да ја затвори славината од која тече помош.
Но политичарите на Балканот и натаму со својата ароганција го прокоцкуваат најважниот општествен капитал. Бидејќи колку подолго трае егзодусот на млади и способни, толку ќе има помалку од оние кои во земјата ќе се ангажираат за општествени промени. За тамошните политички елити тоа е една многу удобна ситуација. Но за општествата на чие чело се тие овој процес претставува катастрофа. Иако на Балканот не владее војна, глад или терор, сепак и безнадежноста може да стане диктатура од која човек сака да побегне.