Потфрлањето на Западот на Косово
8 август 2014Во текстот со наслов „Потфрлањето на Западот на Косово“, во весникот Ноје цирхер цајтунг (НЦЦ), се пишува за ехото што на Косово го предизвика извештајот на истражниот тим на ЕУ, под раководство на Клинт Вилијамсон, и се оценува:
„Она што извештајот на Вилијамсон само имплицитно го посочува е всушност вистинскиот скандал - речиси тоталното потфрлање на меѓунардоните заштитни сили КФОР и меѓународните полициски и правосудни власти во протекторатот, прво УНМИК, а потоа правосудната мисија ЕУЛЕКС. Трите скапи мисии, со многуброен персонал, не беа во состојба да ги спречат злосторствата или да ги казнат... Цената за тоа ја плаќаат не само жртвите и нивните семејства, кои до денес немаат сатисфакција. Можеби многу поскапо ова потфрлање на правосудството на Косово го чини општеството во целина. Зашто малите воени лордови од минатото се политичари од денешнината... Со непрекинатиот контиунитет на владеењето на овој раквооден персонал Косово се стабилизираше, но политичкиот и економскиот развој во ваквиот систем остана блокиран. За погрешното однесување на меѓународните протектори има две главни причини. Од една страна се тоа сфатливите тешкотии со кои се соочуваат странските полицајци и судии за време на кусиот престој во непознато опкружување, без познавање на јазикот, поради што не можат ефикасно да работат. Од друга страна, одговорните во мисијата на ЕУ и на ОН не се осмелуваа цврсто да се постават кон некогашните герилски лидери кои во меѓувреме станаа моќни. Тие стравуваа од немири и бунтови. Наместо тоа бараа поддршка кај ’силните мажи’. Така настана присилна заедница, во која дилот гласеше: Јас не те тужам, но ти за возврат мора да погрижиш да биде мирно во мојот протекторат“, оценува НЦЦ.
Весникот Зиддојче цајтунг денеска (8.08), на два дена пред изборите во Турција, ја анализира состојбата во земјата и нејзините односи со ЕУ. Во анализата „Со господ и Ердоган“, меѓу другото, се вели:
„Со господ и Ердоган - рецептот на успех на исламско-конзервативната владејачка партија почива на едноставна, но цврста основа. Речиси сите избирачи на АКП велат дека во 2014 година им е подобро отколку пред речиси една декада, кога Ердоган прпват победи на изборите во земјата. Постигнувањата се видливи - повисоки плати, подобра здравствена нега, приклучоци за гас, илјадници километри нови патишта. Тоа што жените сега носат исламски шамии и така може да влезат на универзитет или во една финансиска служба, според конзервативните Турчинки значи ослободување од државното туторство. Тие велат дека може да бидат религиозни и згора на тоа и горди... Ако Турците се прашаат каде нивната земја треба да бара сојузници, во нивните одговори има малку исламски нации. Калифите од камено доба во Ирак предизвикуваат морници. Египет, Сирија, Саудиска Арабија - сето тоа не се земји за пример. Русија или Америка исто така не се посакувани партнери, иако богатите Турчинки радо ги раѓаат своите деца во САД, за со тоа да им отворат пат за американски пасош. Околу 50 проценти од Турците, наспроти тоа, и натаму сметаат дека е добро нивната земја да стане членка на ЕУ, покажуваат новите истражувања на јавното мислење. Меѓу Анкара и Брисел всушност владее ледено доба. По дивото Гези-лето лани беше постигната согласност да не се стопираат целосно разговорите за приклучување... Но, тоа ништо не менува во премолчената согласност во ЕУ која гласи: разговараме, но од тоа и онака нема ништо... Помалку од 10 проценти од Турците кои веќе живеат во Европа се повинија на инсистирањето на Ердоган да излезат на гласање. Тоа ја изненади Анкара. Противниците на Ердоган се разбудија. Нова самодоверба пред првите директни избори на претседател сега покажуваат и Курдите, секуларните граѓани и урбаните заштитници на животната средина. Тие, наспроти сите забрани на Твитер и султански манири, ќе го искористат своето демократско право и на секои наредни избори ќе му прават се‘ поголема конкуренција на Ердоган. Тоа на Турција добро ќе и‘ дојде“, констатира Зиддојче цајтунг.einpeitscher