Потребен е подмладок и свежи идеи во Германско-македонското друштво
17 јули 2014Германско-македонското друштво (ГМД) кое е регистрирано во Берлин од 2000-та година, во изминативе години и покрај амбициозните планови не профункционира онака како што се сакаше и како што е предвидено со основачкиот документ. Идејата за неговото основање беше и остана Друштвото да прерасне во своевиден мост, сеопфатна платформа за соработка и развој на севкупните односи меѓу Германија и Македонија. Повремено македонската култура преку уметници, писатели, поети се промовира пред германската публика, но тоа е само сегмент од она што се сака. Зашто соработка, како се вели во статутот на ГМД треба да се одвива и преку заеднички семинари, конференции, проекти на одредени теми значајни за двете земји. Со други зборови кажано и покрај амбициите и ангажманот на малубројните членови, Друштвото вистински не заживеа и не стана стожер околу кој би се преплетувало културното, економското и политичкото живеење. ДВ на последната летна средба на членовите на ГМД праша: на што се должи ваквата состојба и има ли модел кој можеби ќе вети нов подем на Германско-македонското друштво? (на насловната фотографија вицепретседателот на ГМД македонската амбасадорка во Берлин Корнелија Утевска-Глигоровска со претседателот Валтер Колбо)
Ангажман во сите сфери
„На Друштвото му се потребни активни членови кои сигурно ќе се занимаваат со значењето на земјата, кои ќе ги застапуват интересите и на Македонија, но и на Германија. Поточно, луѓе кои ќе ги имаат во визирот и политичките проблеми со кои се соочува земјата, што се надоврзува и со прашањата околу функционирањето на демократијата, слободата на медиумите, работи кои се и тоа како значајни за подемот на Македонија. Значи не може да се ангажираме само околу културата, која исто е важна, туку и со се' друго што значи живот - спортот, економијата, комуникации... Инаку, имате право - иако се среќаваме четири-пет патти годишно, тоа не е доволно. Македонци во Германија има, но во Германско-македонското друштво се малкумина. Ова се должи и на тоа што ние сме само во Берлин, така што некој од Нирнберг или Вицбург и да сака да учествува во работата едноставно не може зашто треба сам да си ги плати патните трошоци за да стигне на средбата на Друштвото во Берлин“, истакнува Валтер Колбо, претседател на Германско-македонското друштво.
Тој забележува дека вистина е дека во изминативе години изостана и посериозна соработка со веќе етаблираното и познато Друштво за Југоисточна Европа од Минхен. Од поодамна имало идеја Македонија како тема да биде посериозно третирана и во Друштвото за Југоисточна Европа, но како вели Колбо, тоа сигурно би покренало и непријатни прашања и критички забелешки на адреса на Македонија, што секако во „некомотна ситуација може да го доведе секој прв македонски дипломат, кој по функција е вицепретседател на Германско-македонското друштво“. По завршувањето на мандатот на актуелната македонска амбасадорка Корнелија Утевска-Глигоровска (1 септември 2014) Колбо очекува „нова рунда активности“ со новиот амбасадор.
Симболични членарини
„Рецепт за вистинско функционирање на Германско-македонското друштво е поголемо ангажирање на младите Македонци од Берлин и околината. Нив треба да ги интегрираме за поголемо и помобилно членство. Моментно во ГМД има околу 70 членови и своевиден куриозитет е дека поголемиот број се Германци, одошто Македонци. Според мене вистинска свежина на Друштвото можат да му дадат младите Македонци кои се се'побројни во Берлин. Контактите со германските членови од кои дел се докажани бизнисмени, на новодојдените Македонци може да им отворат и нови можности и видици. Друштвото може да им помогне поуспешно и побрзо да се интегрираат во овдешната средина“, подвлекува Шинаси Деребеи, секретар на Германско-Македонското друштво.
На забелешката на една Македонка дека Друштвото е некако затворено, Деребеи е категоричен дека не е така. Вели секој кој сака да стане член може тоа да го направи некомплицирано преку Интернет, каде функционира веб страница на Друштвото. Таму е приложен и пристапниот формулар.Годишната членарина е симболична и изнесува 30 евра. Учениците, студентите и пензионерите кои сакаат да бидат дел од ГМД плакаат само 10 евра. Деребеи инаку дополнува дека добро е што Друштвото ја има поддршката од македонската Амбасада во Берлин, која повремено отстапува простор за средби на пртседателството и членството и без која практично не би имало услови за каква-таква работа. Од друга страна, пак, и Амбасадата може да профитира од членството кое се активира секогаш кога е потребно:во организацијата на различни културни настани и сл.
Ќе помогне ли професионализацијата?
Експертот за комуникации и интеркултурни компетенции др. Бетина Штреве од „ИнтерКулт Ост“ од Потсдам е долгогодишен член на Германско-македонското друштво. И таа признава дека и покрај повеќето обиди Друштвото вистински не профункционирало.
„Треба повеќе да се направи за вистинска работа на Друштвото. Повеќепати се среќававме, амбициозно размислувавме дека сакаме повеќе да направиме, но иако сите членови се експерти во своите области - работата не тргна. Размислував и зошто е така? Можеби ГМД треба делумно да се професионализира - да има професионален раководител кој навистина ќе се грижи работите да течат и она што го планираме да се операционализира. Еден раководител ќе биде одговорен она што ќе се договори и да се организира: на пример кои експерти во кои проекти би требало да се вклучат и што е најважно не само од Берлин и Германија, туку и од Македонија, зашто смислата е да работиме нешто заеднички. Кога би имало ваков професионален карактер, мислам дека би било поинаку. Но, за ова проблем се парите. Значи, треба ново членство, нови луѓе и нови идеи“, вели за ДВ др. Бетина Штреве.
На последната традиционална летна средба на Германско-македонското друштво и Амбасадата од Берлин присуствуваа повеќемина членови. Сите со кои разговаравме се едногласни дека е потребна „свежа крв“, млади луѓе кои се креативни и имаат идеи како германско-македонската соработка да се конкретизира.
Еден меѓу нив, Дејан Спасовски, сопственик на локалот „Салут! Бар“ во берлинскиот кварт Шонеберг вели дека е расположен и натаму да се ангажира во Друштвото. Тој е основач и на групата „Македонци во Берлин“ на социјалната мрежа фб.
„Ова е само еден модел преку кој младите, но и постарите може да се мобилизираат. Сметам дека Берлин има голем потенцијал и за новото членство во Германско-македонското друштво. Важно е значи да се сврти вниманието, да се има мотивација и да се презентираат интересни идеи кои повлекуваат ангажман. Зашто како се вели кога има желба – има и пат. Ова важи за се', па зошто не и за разбудување и вистинско функционирање на Германско-македонското друштво“, коментира Дејан Спасовски.