1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Последно полувреме: Нов опасен меч Левски - Македонија

8 февруари 2022

Го снимивме филмот и на англиски, за да можат и во Брисел да ја разберат историјата, вели авторот на бугарскиот документарен филм „Последно полувреме“. Бугарија не беше фашистичка држава, вели Пољаков.

https://p.dw.com/p/46fSS
Bulgarien Flagge
Фотографија: Getty Images

„Ништо не навестуваше дека тој меч од фудбалското првенство на царството Бугарија меѓу два бугарски тима, 80 години подоцна ќе донесе информациска хистерија слична на военото време“. Вака почнува бугарскиот документарен филм „Последно полувреме“ (Last Half) реализиран како контраодговор на македонскиот игран филм „Трето полувреме“. Авторот на филмот, бугарскиот режисер, продуцент и писател, Степан Пољаков, кој во декември лани најави дека филмот ќе има и англиска верзија, сега е задоволен што таа е завршена и филмот тргнува на својот пат- демаскирање на фалсификатите.

Формално, филмот е посветен на вистината за фудбалскиот натпревар помеѓу „ Левски“  и „Македонија“, одигран во март 1942 година, но опфаќа многу поширок период - од предвчерјето на Втората светска војна, до судбината на Бугари репресирани од југословенските власти заради нивната национална определба.

„Во македонскиот печат пишуваа дека ‘Последно полувреме’ ќе ја оправдува Бугарија дека не била фашистичка. Нема такво нештo, и ништо не оправдувам. Познат е фактот дека  Бугарија не била фашистичка држава“,  вели Пољаков за Бгнес.

Глоба за Левски

Во филмот се потенцира дека во време кога натпреварите започнувале со нацистички поздрав, моралниот подвиг да не го направи тоа му припаѓа на „Левски“.

„Играчите на ‘Левски’ откажуваат да кренат рака за нацистички поздрав. Поради различни причини Бугарија е меѓу најблиските сојузници на Рајхот. Такво однесување од најпопуларниот фудбалски тим би можело да предизвика сериозни политички консеквенци. Никако не било безопасно, ако фирерот го сфател тоа лично. Но закон за нацистички поздрав нема во Бугарија. Тоа е внaтрешна одредба на Фудбалскиот сојуз, па ‘Левски’ е казнет со глоба од 10.000 лева, колку што изнесувале четири тогашни учителски плати. Таква казна нема за тимот на ‘Македонија’, кои ги почитуваат одредбите на бугарскиот фудбалски сојуз и креваат раце“, се вели во филмот.

Mazedonien Darko Mitrevski Regisseur
Од снимањето на филмот „Трето полувреме“, кој „испоровоцирал“ „контраодговор“ во форма на бугарски документарецФотографија: Darko Mitrevski

Авторот, кој во повеќе наврати изјавуваше дека филмот е наречен „Последно полувреме“ за да ги затвори сите полувремиња меѓу  Бугарија и РСМ,  еве како ги опишува играчите на тимот „Македонија“.

„Играчите имаат бугарски имиња, читаат и пишуваат на бугарски, зборуваат бугарски. И тогаш тоа не е спорно прашање. Ете зошто сосема природно, раководството на клубот подоцна е фактички преземено од Димитар Чкатров од Прилеп, а член на управниот совет е Димитар Ѓузелов од Дојран, и двајцата дејци на ВМРО. Како студенти и двајцата членувале во Македонската младинска тајна револуционерна организација, но во 1927 биле откриени од српските власти. Чкатров бил осуден на 10 години затвор, а Ѓузелов на 20 од кои одлежал 5. И двајцата како бугарски патриоти се вклучуваат во создавањето на Бугарските национални акциони комитети во 1941 година и активно соработуваат со бугарската власт во Македонија. Ѓузелов дури станува директор на Радио Скојпе“, се вели во филмот.

Да разбере и Брисел

Авторот смета дека „било исклучително важно овој документарен филм да биде објавен и на англиски јазик, „бидејќи луѓето во Брисел не зборуваат ни бугарски, ниту перфектен англиски“.

„Го дуплиравме на брилијантен англиски, за да можат и да го научат јазикот, и да ја разберат историјата, бидејќи 10 - 15 години не можат да ја сфатат. Проблемот е двоен: или имаат проблеми со менталниот капацитет или не зборуваат добро англиски. Е сега подобар од овој англиски не можат да слушнат“, вели Пољаков.

Добрата нарација на англиски јазик се должела на англискиот актер Тери Рандл, кој бил дел од елитниот клуб на дублери на Би-Би-Си, познат и како најдобриот имитатор на гласот на Ринго Стар од „Битлси“. Пољаков изразува надеж да биде снимена уште една верзија на филмот, но не го употребува терминот македонски јазик.

„Се разбира, еден ден може со нашите пријатели од  Македонија да го снимиме и на западно-бугарски дијалект“, вели тој.

Уверен е дека со овој филм се бори против  преправањето на историјата.

„Колку полесно поминуваме низ историјата, толку поразгазен ни е патот кон иднината. Враќањето назад и преправањето на историјата не води до ништо добро“, изјави Пољаков.

А во филмот, создавањето на македонската држава е опишано како подарок од  Сталин.

„Во почетокот на 30- тите години Комунистичката интернационала објавила документ за создавање на македонска нација. До тој момент во Кралството Југославија Бугарите биле осудувани заради нивната национална самосвест, според Закон за борба со бугарските бандити. Македонската нација е дел од социјалното инженерство на Кремљ уште од 20- тите години на минатиот век. Сталин прави гест за југолословенскиот комунистички лидер Тито, му ја предава Вардарска Македонија и тогаш почнуваат нови репресии против Бугарите. Дури и во Пиринска Македонија. Фудбалскиот тим ‘Македонија’ престанува да постои во 1947 година заради профашистичка дејност, востановена од специјална комисија“, се раскажува во „Последно полувреме“.