Последниот диктатор во Европа
10 јули 2014Ретко кој пред 20 години мислеше дека Александар Лукашенко еден ден ќе го нарекуваат „последниот диктатор во Европа“. Во неговата победа на претседателските избори на 10 јули 1994 година не веруваа ни политичарите, ниту експертите. Тогаш, наводно 80 проценти од Белорусите гласале за него.
Лукашенко, раководител на државно земјоделско претпријатие, првпат настапи на парламентраните избори во 1990 година. Како пратеник, тој малку беше на страната на комунистите, малку со националистите. Лукашенко го презеде заменичкото место на раководителот за борба против копруцијата. Во парламентот постојано одржуваше гневни говори, напаѓајќи ги претставниците на комунистичката номенклатура, кои тогаш го сочинуваа р‘бетот на владата. Така Лукашенко стана омилен кај народот.
Експертите сметаат дека неговата победа на претседателските избори беше резултат на бранот протести. На луѓето тогаш преку глава им беше власта на комунистите, економските проблеми и хиперинфлацијата. Но, ниту приврзениците на тогаш 39-годишниот нов претседател на веруваа дека Лукашенко ќе остане на власт толку долго.
Со руска помош
Во што е тајната на политичката долговечност на Лукашенко? Белорускиот политиколог Александер Класковски смета дека од една страна тоа е популизмот на Лукашенко, а од друга страна се малите барања на белоруските гласачи. Мнозинството луѓе се задоволни со релативно стабилен животен стандард, иако тој заостанува многу зад западноевропскиот.
„Постои гарантирано вработување. Тоа е во глобала ’римејк’ на советскиот живот, во кој човек не требаше многу да работи и да мисли“, вели Класковски во разговор за Дојче веле.
Но, најважниот клуч за успехот на Лукашенко е огромната финансиска поддршка од Москва. Според проценките на белоруските експерти, субвенциите во директна или индиректна форма, достигнуваат до десет милијарди долари годишно. Минск користи ниски цени на горивото и трговски повластици. Така, Русија лиферува нафта, која потоа се преработува во белоруските рафинерии. Лавовски дел од белорускиот извоз оди за Русија. Со основањето на Евроазиската економска унија, во која спаѓаат Русија, Казахстан и Белорусија, Минск се надева на натамошни царински погодности и зголемени приходи од три до четири милијарди долари годишно.
Класковски потсетува меѓутоа дека Белорусија само оваа година треба да им плати над три милијарди долари на доверителите. Странско финансирање е можно само од Кремљ. Бидејќи Лукашенко не е подготвен на економски и политички реформи, приближување кон Запад е исклучено.
„Така, за Минск се ограничени можностите за финансирање преку ММФ“, вели експертот.
Стравовладеење
На опсежната финансиска, економска, политичка и воена помош од Русија укажува и Валери Карбалевич од белорускиот истражувачки центар „Стратегиа“. Системот на власт на Лукашенко не би преживеал без таа помош.
„Кон тоа доаѓа и потиснувањето, дури и остранувањето на критичарите на режимот. Тоа предизвика многумина политички активни луѓе да ја напуштат Белорусија“, вели Карбалевич за Дојче веле.
Станислав Шушкевич, првиот државен секретар на независна Белорусија, во овој контекст потсетува дека Лукашенко уште во првите две години на својата власт повторно ја уништи младата демократија.
„Прво беа монополизирани медиумите, а потоа укината локалната самоуправа“.
Тоа создаде атмосфера на страв, врз која се базира сегашниот режим, констатира Михаил Пастухов. Тој, како судија, своевремено беше член на првиот Уставен суд на земјата.
„Базата на сегашниот систем на власт во Белорусија е стравот. Постојано се прават обиди на луѓето да им стане јасно - секоја изјава на незадоволство ќе биде брутално казнета“, вели Пастухов.
Дали Лукашенко ќе ја искористи украинската криза?
Страв кај народот, но и кај белоруското раководство, предизвикува руско-украинскиот конфликт. Лукашенко гледа дека доаѓа закана од Русија. Но, истовремено, тој со украинската криза има нов ас во ракавот, со кој сака да ја зацврсти својата власт, верува Валери Карбалевич.
Според социологот, народот се плаши од промени. Првенствено, државно контролираните медиуми шират психоза дека со промена на власта и доаѓање на белоруската опозиција на власт, би настанал само хаос, анархија или дури и војна. Во тоа Лукашенко го најде веќе и своето мото за претседателските избори во 2015 година: „Лукашенко и стабилност или промени и хаос“. Карбалевич дополнува дека без настаните во Украина, ситуацијата за Лукашенко пред претседателските избори догодина ќе беше понеповолна.