1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна почит за Габриел Гарсија Маркес

ЖА/миа/дв/ртре22 април 2014

Илјадници луѓе во Мексико се простуваат од починатиот носител на Нобеловата награда за литература, Маркес. Во неговата родна земја Колумбија се одржуваат јавни литературни читања на негови дела.

https://p.dw.com/p/1Bls6
Фотографија: Reuters

Мексико, каде што живееше и почина нобеловецот Габриел Гарсија Маркес и Колумбија, каде што е роден, денеска одржуваат комеморации за еден од најголемите писатели на шпански јазик.

Маркес почина во четвртокот во Мексико, каде живееше неколку децении, на 87 годишна возраст. Тој е веќе кремиран на една приватна семејна церемонија. На главната комеморација, што ќе се одржи во Паласио де Белас Артес во Мексико Сити ќе присуствуваат мексиканскиот претседател Енрике Пена Нието и претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос. Тие двајцата ќе бидат и во погребната поворка што ќе се движи од куќата во која живееше Маркес до Палатата на убавите уметности, каде ќе му се одаде последна почит.

Во исто време, жителите и локалните власти на родното место на Маркес, Аракатака во Колумбија, кое беше инспирација за градот Маконда, каде се случуваат настаните во неговиот најпознат роман „Сто години самотија„ ќе одржат своја, посебна комеморација и ќе организираат симболичен погреб на починатиот автор.

Владата во Богота за денеска закажа службена комеморација во најголемата катедрала во колумбискиот главен град по повод смрта на Маркес. Претходно, колумбиската влада прогласи тридневна жалост во земјата, што во домашната јавност беше примено со одобрување, иако постои разочараност што главната комеморација се одржува во странство.

Abschied vom Literaturnobelpreisträger Gabriel García Márquez
Вдовицата и синовите пред урната со пепелта од починатиот МаркесФотографија: Reuters

Мексиканските медиуми пишуваат дека постои согласност меѓу двете земји пепелта од кремираниот Маркес да биде поделена меѓу Мексико и Колумбија, за да се избегнат дипломатските недоразбирања околу тоа каде ќе се чува урната, но неговото семејство се уште не се изјаснува дали се согласува со тоа.

Габриел Гарсија Маркес побегна од Колумбија во 1981 година, откако дозна дека тогашните воени власти го бараат за да го сослушуваат за неговата поврзаност со левичарската герила во земјата. Тој никогаш не ја криеше својата левичарска определност, својот антиимперијализам, недовербата кон САД и пријателството со Фидел Кастро. Најголеми контроверзи предизвикуваше неговата блискост со кубанскиот лидер, дури и тогаш кога тој ги прогонуваше и ги апсеше кубанските дисиденти, меѓу кои и извесен број писатели и поети.

Во латиноамериканската и во западната јавност Маркес беше обвинуван за хипокризија, затоа што молчи за гушењето на демократските и човечките права на Кубанците, а особено што наместо да ги осуди таквите постапки, како што тоа обично го правеше, тој присуствува како гостин на конгресите на Комунистичката партија на Куба. Кастро му нудеше на својот пријател да се насели во Хавана, но колумбискиот писател го одбра Мексико за својата нова татковина. Во своја одбрана, Маркез објаснуваше дека пишувајќи не може да ги сокрие своите идеолошки и политички убедувања, кои на тој начин се пренесуваат на читателите, но инсистираше дека зборовите на писателите не се убиствено оружје.