1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последен обид на ЕУ во БиХ

Марина Максимовиќ/ А.Трајковска 7 ноември 2014

ЕУ на 17. ноември уште еднаш ќе се обиде да ја усогласи новата стратегија за поддршка и помош на БиХ на нејзиниот европски пат. Ова би можело да биде последна шанса, а БиХ би морала да ја искористи, тврдат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1Dixq
Фотографија: picture-alliance/dpa/DW

Брисел со нескриено одобрување и поддршка ја дочека германско-британската иницијатива за придвижување на БиХ од повеќегодишниот застој на европскиот пат. Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини закажа расправа за БиХ на првиот Совет на министрите за надворешни работи со кој таа ќе претседава и кој ќе се оддржи на 17. ноември во Брисел. Таа најавува дека идеите од германско-британскиот предлог ќе бидат дел од пошироката расправа на сите 28 земји членки кои ќе се обидат да помогнат БиХ повторно да тргне по реформскиот пат во правец на членство во ЕУ.

„БиХ има јасна европска перспектива, како и сите земји од Западниот Балкан, и затоа е неопходно да продолжат потребните политички и економски реформи за да напредува на европскиот пат. Тој процес, токму по изборите во БиХ има можност за нов почеток и сега е неопходно ЕУ да дефинира што може да направи, за БиХ да се врати на патот на напредокот“, порача портпаролка на високата претставничка Маја Коцијанчиќ. Тој „нов дух“ на реформи е важен не само за европскиот пат на БиХ, туку на прво место за подобар живот на граѓаните на БиХ, додаваат европските дипломати во Брисел.

Уште една, можеби последна шанса за БиХ

„Новиот почеток“ за БиХ во европските кругови се оценува истовремено и како уште една, можеби последна пружена европска шанса за БиХ. „Во последните две години ситуацијата во БиХ стана нависитна лоша“, вели за ДВ Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност.

„Државата изгуби пари од европската претпристапна помош, направи 'нула' напредок, од Европската комисија доби можеби најлош извештај што го добила досега, а згора на тоа дојдоа и полавите. Се надевам дека овој пат лидерите во БиХ ќе кажат: Ова ни е можеби последна шанса, подобро да ја искористиме“, наведува Штиглмајер.

Alexandra Stiglmayer Brüssel
Александра ШтиглмајерФотографија: DW

Во Европската иницијатива за стабилност сметаат дека германско-британската иницијатива има добри шанси да биде прифатена од страна на земјите членки на ЕУ. Предлогот е новата власт во БиХ веднаш по формирањето да се обврзе на широка реформска програма, која би требало да ја состави заедно со ЕУ, а која би се однесувала на постоењето на демократски и функционални институции, почитување на човекови права и она што за ЕУ и БиХ во овој момент е многу важно е воспоставување на функционална пазарна економија.

Заедно со Европската комисија новата власт во БиХ би требало да почне да работи на ново утврдените приоритети, а ЕУ би го ставила во сила Договорот за стабилизација и асоцијација за БиХ. Тоа на земјата би и донело повеќе пари, би се отвориле шанси за поднесување на барањето за кандидатски статус и работите би се помрднале од мртва точка. Условот примена на пресудата во случајот Сејдиќ-Финци со тоа привремено би бил одложен.

„Минатата година покажа дека моменталната примена на таа пресуда е многу тешка и за тоа сѐ уште не се создадени услови. Инсистирање на тоа само оневозможи да се работи на другите реформи кои е можно да се постигнат“, објаснува Штиглмајер и потсетува дека одлагањето на примената на пресудата Сејдиќ-Финци и порано постоело како опција за придвижување во БиХ од застојот во процесот на евроинтеграциите. „БиХ ќе мора да се услогласи со таа пресуда на Европскиот суд за човекови права, но тоа не е работа за почеток. Тоа може да се направи што ќе се постигнат другите работи, каде е полесно да се напредува“, оценуваат од Европската иницијатива за стабилност.

Politiker aus Bosnien und Herzegowina Treffen mit Stafan Füle in Brüssel
Бројни средби на политичарите од БиХ со европските диполмати минатите години завршија со неуспехФотографија: Klix.ba

Примената на пресудата Сејдиќ-Финци е одложена?

Идејата за ваквиот „нов европски пристап“ ја поздрави и официјален Загреб, нагласувајќи дека е тоа нешто што Хрватска го предложила и поттикнала уште на почетокот на годината. Тогаш од ЕУ можеше да се чуе став дека нема да има „спуштање на летвата“ кога се во прашање условите за стапување во сила на Договорот за стабилизација и асоцијација со БиХ, од кои прв беше токму и примена на споменатата пресуда.

ЕУ најавуваше и непризнавање на изборите во БиХ без измени во Уставот кои ги донесува пресудата на Европскиот суд за човекови права. На прашањето дали ваквата промена на приоритетите, стапувањето на сила на Договорот за стабилизација и асоцијација и признавање на изборите без исполнување на условот Сејдиќ-Финци влијае на кредибилитетот на европската политика кон БиХ воопшто политиката на проширување, во Европската иницијатива за стабилност заклучуваат: „Кредибилитетот е и во самиот факт дека денес е потешко да се стане член на ЕУ отколку што тоа беше пред 20 или само 10 години. Но, тоа е и натамошно можно. Хрватска успеа, ќе успеат и Србија и Црна Гора и се надевам еден ден и БиХ. Она што не е смислено е дека ако сфатите дека еден услов постанува контрапродуктивен, тоа не го менувате. Кога се сфаќа такво нешто добро е да се преземе одговорност, да се признаат и да се променат работите“, заклучува во разговор за Дојче веле Александра Штиглмајер.

Ако ЕУ сфатила дека постои нов пат за излез на БиХ од „пат позиција“, она што останува како прашање е дали политичките лидери на БиХ овој пат ќе го препознаат и прифатат својот дел од одговорноста за напредокот на својата земја и народот или од нив повторно ќе добијат само празни ветување и потпис без значење.