Пораките на Ештон во БиХ нема кој да ги слушне
13 март 2014По еднодневната посета на БиХ, Кетрин Ештон упати сосема очекувана порака: дека ЕУ во целост ја поддржува БиХ и дека сака да ја види единствена, стабилна и мултиетничка држава која еден ден ќе го заземе своето место во ЕУ. Тоа е пораката која во БиХ веќе со години ја носат различни европски претставници и од која граѓаните се, по малку, и уморни. Ни овојпат немаше поконкретно решение, порака, предупредување до лидерите, дека вака повеќе не може и дека ќе мораат да одговораат за својата (не)работа.
Оние, поголемите оптимисти ќе речат дека се работи за дипломатски пораки кои треба внимателно да се проучат, иако е јасно дека ни таквите видови пораки не наоѓаат целна група во БиХ. Пред враќањето во Брисел, Ештон порача дека ќе го поддржи секој напор на политичките лидери кој ќе им донесе вистинска корист на граѓаните.
„Одлучни сме да застанеме до граѓаните на оваа земја и да им помогнеме“, рече Ештон. „Граѓаните сосема јасно ги изразија своите амбиции и своите стравови. Она што тие го сакаат е шанса да се вработат, економија која се развива и напредува, сакаат систем на социјална заштита кој функционира, сакаат владееење на правото и ефикасно правосудство“.
Нова „цврста определеност“
Ештон одржа серија состаноци со претставници на босанските институции и на цивилното општество. Министерот за надворешни работи, Златко Лагумџија најави дека БиХ, поради своето специфично уредување, ќе добие посебен модел за исполнување на условите на патот кон ЕУ, иако истото не беше слушнато од Ештон.
„Ова беше охрабрувачки состанок затоа што Ештон вети дека за БиХ ќе стане збор на состанокот во Брисел на 17. март. Не треба да се очекуваат никакви конечни одлуки, повеќе ќе стане збор за отворање на разговорите за дизајнирање на новиот пристап кон БиХ на ЕУ“, рече Лагумџија.
Високата претставничка се сретна и членовите на Претседателството на БиХ, со претседавачот со Советот на министрите, Вјекослав Беванда, како и со премиерите на Република Српска, Жељко Цвијановиќ и на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ.
Како и што се претпоставуваше, конкретни пораки или заклучоци нема, освен оние вообичаените: дека претставниците на БиХ се „цврсто определени“ да ги исполнат бараните услови, и дека треба да преземат одговорност за своите постапки и за подобар живот на граѓаните. Прашањето, кој друг освен нив тоа треба да го стори, ни овојпат не беше поставено.