1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порака на Сноуден до Берлин

ЕМФ/дв/ард1 ноември 2013

Пратеникот од редовите на германските Зелени, Ханс-Кристијан Штребеле се сретна со поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден. Средбата се одржала на тајно место во Москва.

https://p.dw.com/p/1A9zf
Фотографија: Reuters

Ханс-Кристијан Штребеле, пратеник на Зелените и член на парламентарната Комисија за надгледување на работата на тајните служби, изјави дека Едвард Сноуден има принципиелен интерес да и‘ помогне на Германија во расчистување на аферата со прислушување од страна на НСА, но укажува на својата тешка правна ситуација. Штребеле со Сноуден разговарал на тајна локација во Москва, а го придружувале двајца германски новинари. На разговорите станало збор, меѓу другото, под кои услови Сноуден би дал изјава, односно би сведочел пред германското обвинителство или пред Истражна комисија на Бундестагот. „Околу тоа разговаравме долго“, рече Штребеле по средбата.

Тој на Сноуден му понудил можност да биде сослушан и во Москва, каде што има азил. „Сноуден е здрав и во добра кондиција, остави добар впечаток. Стави јасно до знаење дека знае многу“, нагласи Штребеле, додавајќи дека Сноуден имал „мисија, потреба да го соопшти она што го знае“.

Средбата во Москва траела три часа, а безбедносните мерки што биле преземени биле огромни. Штребеле, заедно со новинарите, бил земен од хотелот во Москва каде што престојуваат, а потоа со „сив минибус со затемнети стакла“ биле префрлени на „тајна локација“.

Edward Snowden in Moskau
Снимка од Сноуден прикажана на руската телевизија, на 31 октомври 2013-таФотографија: Reuters

За деталите од разговорите со Сноуден Штребеле ќе ја извести Комисијата на Бундестагот задолжена за контрола на тајните служби, на вонредна седница. Денеска (01.11) на прес-конференција во Берлин тој ќе го претстави писмото што Сноуден му го предал, а адресирано е до германската Влада, Бундестагот и сојузното обвинителство во Германија.

Пред разговорите со Штребеле, рускиот адвокат на Сноуден, Анатолиј Кучерена, изјави дека поранешниот соработник на американските тајни служби нема да даде изјава во Германија околу аферата со прислушување на канцеларката Меркел од страна на НСА. „Сноуден во Русија живее според руски закони. Тој не смее да патува во странство, зашто во спротивно ќе го загуби азилот“, рече Кучерена за руската новинска агенција Интерфакс. Освен тоа, има договор Сноуден да не издава тајни информации додека е во Русија, додаде адвокатот.