Поплави: Подготовки за донаторска конференција
5 јуни 2014Заменик на претседавачкиот Совет на министри на БиХ и министер за надворешни работи на БиХ Златко Лагумџија организираше вчера (04.06.) во Сараево состанок со амбасадорите и шефовите на меѓународните мисии акредитирани во БиХ. Состанокот беше подготовка за донаторска конференција на која би требале да бидат собрани средства за санација на објектите во подрачјата кои страдаа во неодамнешните поплави. Учесниците настојуваа да се утврди до каде е дојдено со спроведувањето на првата фаза – пружање итна помош на жртвите, како и кога би можела да почне другата фаза – обновата на инфраструктурата во загрозените подрачја.
Лагумџија на конференцијата за новинарите рече дека во тек е создавање заедничка оценка на настанататите штети. Во изработката на проценката за потребите за санација учествуваат 140 луѓе од различни босански институции, од локалните заедници до државното ниво, како и претставници на ОН, Светската банка и Европската комисија.
„На 18 јуни би можеле да го имаме дефинитивниот извештај за штетите - како директните, така и економските загуби кои произлегуваат од оваа катастрофа. На претставниците на дипломатскиот кор исто така им рековме дека по проценката на штетата очекуваме во период од две до три недели да се обидеме да организираме донаторска конференција, која е веќе извесна. Проценката на штетата е исклучително важен фактор за успешноста на донаторската конференција“, рече Лагумџија.
Приоритетни сектори за санација
Тој рече дека конечниот извештај за проценката на потребите за санација ќе има шест приоритетни сектори.
„Првиот е транспорт и комуникации, при што ќе биде направена проценка на директната штета, како и штетата која претставува губиток во следниот период, оти тие објекти нема да бидат во функција. Друг сектор е енергијата, а третирот домувањето и јавните установи, како што се училиштата, здравствените установи и слично. Четвртиот сектор се земјоделието и услугите, петтиот е снабдување со вода и санитарна мрежа, а шестиот сегмент се основните услови за живот и вработување“, рече Лагумџија.
Шефот на босанската дипломатија рече дека веќе постојат одредени најави и подготвеност на одредени меѓународни финансиски институции, држави и на Европската комисија помошта да се дава преку грантови и кредити под најповолни услови.
За што побргу да се утврдат потребите за санација, прецизирани се рокови, очекувани резултати, цели, методологија и тимови за работа на терен. Меѓутоа, приоритетни цели се, како што кажа на прес-конференцијата во Сараево шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Петер Соренсен, утврдување на потребите во сите клучни сектори за формулирање на моменталната, краткорочната и долгорочната стратегија за санација и обнова, како и создавање на аналитичка база за мобилизација и механизми за координација.
Координатор за проценка на потребата за санација во име на ЕУ е Рикардо Запата-Марти, кој заедно со останати членови на Меѓувладиниот панел за климатски промени во 2007 година ја доби Нобеловата награда за мир.
Тимовите за проценка на санацијата се веќе на терен
Координацискиот тим со седиште во Сараево е задолжен за утврдување на базичната ситуација и обединување на податоците од терен. Теренските, односно секторските тимови се задолжени за собирање на податоците од загрозените подрачја. Тие се веќе на терен и податоците ќе се собираат до утре (06.06.2014 година). Потоа ќе следува анализа на податоците и подготовка на секторските извештаи. Главниот резултат од проценката ќе биде извештај на ниво на БиХ во кој ќе бидат претставени резултатите од проценката и препораките за санација. Препораките, како што тврдат во Делегацијата на ЕУ во БиХ, би требале да послужат како насоки за заедничките институции, заедниците и домаќинствата, но и за меѓународните финансиски институции и донатори.
Според прелиминарните податоци од меѓународните финансиски институции, штетите од елементарната непогода во БиХ изнесуваат околу 1,3 милијарди евра. Министерството за безбедност на БиХ проценува дека во моментов надвор од своите домови се од 40.000 до 50.000 луѓе, како и дека во поплавите беа оштетени најмалку 60.000 станбени објекти.
Функционерите во БиХ очекуваат дека на претстојната донаторска конференција Босна и Херцеговина ќе има рамноправен статус во однос на другите земји од регионот кои исто така беа погодено со поплави.