Поплави во јужна Србија - многумина се без вода и струја
Поради обилните врнежи, многу места во јужна Србија се поплавени. Прогласена е вонредна состојба речиси во сите општини. Во одделни места нема вода и електрична енергија.
Надојдени потоци потопија села
По долги и обилни врнежи, надојдени потоци и реки во јужна Србија ги поплавија околните места. Уште ноќта меѓу недела и понеделник беше поплавена општина Бабушница со околните села во Пиротски округ, каде се изли реката Лужница. Многу старопланински села се отсечени од светот. Водата навлезе во куќите, а мештаните и домашните животни се евакуирани. Сообраќајот во многу места е отежнат.
Во Власина пливаат тополи и ѓубре
На сосем другиот крај, кај Лесковац, реката Јабланица ги поплави полињата. Кај Власотинци се изли реката Власина. Со голема сила буицата корнеше високи тополи кои запреа кај браната во село Власотинци. Тука се насобра и надонесено ѓубре кое, заедно со дрвјата и гранки, допрва треба да биде отстрането од коритото на реката Власина.
Подземните води и канализацијата - проблем со години
Мештаните велат дека не се проблем само надојдените реки и потоци, туку и подземната вода и канализација кои постојано надоаѓаат. Од последните големи поплави во 2014 година, велат тие, не е направено речиси ништо. Беше прашање само на време кога дождовите ќе предизвикаат повторно проблеми.
Вода од селските чешми
Власина повторно се врати во коритото, но мештаните од почеток немаат вода за пиење. „Немаме ни техничка, ни вода за пиење. Цело место го покриваат само две цистерни и неизводливо е да се снабдат сите куќи. Доаѓаме овде, на оваа селска чешма да налееме вода. Велат дека без вода ќе останеме сигурно до крај на неделата“, вели еден мештанин.
Опасно по живот
Меѓу Лесковац и Власотинци се наоѓа и трафостаница, исто така под вода. Според зборовите на надлежните, тоа претставува голема опасност за животот на луѓето. Официјалните податоци велат дека од цела јужна Србија се евакуирани 85 лица, најмногу од општина Дољевац, која се наоѓа на патот меѓу Лесковац и Ниш. Во вкупно 12 локални самоуправи е прогласена вонредна ситуација.
Претурање на водата
Милан Станковиќ, жител на Лесковац, има куќа веднаш покрај поплавениот пат. „Освен што водата ми ја поплави куќата, имам и дополнителен проблем, зашто целата испумпана вода од патот практично ми ја уфрлаат во мојот двор. Не знам што да правам. Повикав полиција и пожарникари, но сите велат дека тоа не е нивна надлежност“, вели Станковиќ.
Нишава рамна со кејот
На територијата на Нишавскиот округ ситуацијата е стабилна, иако Нишава во самиот Ниш е на работ да се излее од коритото. Претставници на МВР сметаат дека Нишава целосно ќе се повлече, а дежурни екипи на Електродистрибуција отклонуваат дефекти на електромрежата на местата каде жителите останаа без струја.
Нова опасност во горниот тек на Нишава
Во текот на вчерашниот ден Нишава се изли во близина на Бела Паланка, во село Црвена Река. Селото е целосно поплавено, а во таа општина се евакуирани 28 лица. Затоа во долниот тек на Нишава и на вливот во Јужна Морава граѓаните се спремни да ставаат вреќи со песок во случај на изливање. Судејќи според временската прогноза, која најавува слаб снег, тие веројатно нема да бидат потребни.
Сообраќајници и селски патишта под вода
Многу делови од јужна Србија уште се отсечени од остатокот од земјата. Освен ниви и домаќинства, под вода се и бројни селски патишта и сообраќајници од втора и трета категорија. Полицијата е на терен. Спасувачките екипи од поплавените објекти спасиле животи на еден работник во близина на Ниш, на старица опколена од вода во околината на Житораѓе и еден земјоделец во близина на Димитровград.