1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплави во Баварија, Швајцарија и Австрија

24 август 2005

Катастрофални поплави во Алпскиот регион – разбеснети реки, ниво на водата со рекордни височини, лизгање на земјиштето. Цели региони во германската покраина Баварија, во Австрија и Швајцарија, се под вода. Досега од поплавите загинаа девет лица. Голем број места се отсечени од светот, а во швајцарскиот град Берн, луѓето немаа друг начин за движење освен со кајчиња.

https://p.dw.com/p/AcD4
Поплави во Ешенлое, Гармиш-Партенкирхен
Поплави во Ешенлое, Гармиш-ПартенкирхенФотографија: dpa

По повеќе од 36 часа дожд , делови од јужна Баварија се сосема поплавени. По попуштање на дел од насипите, реките Лојзах и Илер покрија неколку места во оваа германска покраина. Во Ешенлое, кај Гармиш-Партенкирхен, со евакуација со хеликоптер се спасени 50 луѓе. Андреас Голтер, раководител на Германскиот црвен крст во таа општина, вчеравечер изјави:

“Обемот на штетите во моментов не може да се процени. Треба да почекаме до утре нивото на водата да се спушти. Дури потоа можеме да почнеме со испумпување на водата од подрумите, зашто сега пумпаме однапред, а водата отпозади повторно се враќа назад.“

Повеќе железнички линии, како и автопатот А8 кај Аугсбург се затворени. Баварското министерство за екологија говори за поплави кои се случуваат еднаш во триста години. Стотици спасувачи во градовите Улм, Нојбург, Инголштат, Регенсбург, Штраубинг и Пасау се во сосотојба на готовност, поради многу високото ниво на реките.

Во Ној-Улм е дури целосно евакуирана една болница и делумно еден старечки дом. Евакуации има и во други места во регионот. Баварскиот премиер, Едмунд Штојбер, го прекина планираниот предизборен настап, и веднаш замина во погодениот регион.

“Состојбата, по разговорот што го водев со раководителот на спасувачките екипи, е некаде подраматична од онаа што ја имавме за време на поплавите во 1999 година. Луѓето овде, пред се во Ешенлое сега се по четврт пат погодени од поплави.“

Штојбер вети:

“Општините и се разбира граѓаните треба да знаат дека нема да ги оставиме сами.“

За поплави на векот говорат и Австријците. Канцеларот Волфганг Шисел, за денеска свика вонредна седница на владата околу мерките за помош на погодените подрачја. Најлошо е во јужен Тирол, каде не функционираат телефонски линии, прекинато е снабдувањето со вода и струја, цели места се отсечени од надворешниот свет. Делумно е сопрен и железничкиот сообраќај. Поплавите во Австрија досега однесоа три животи.

Слична слика и во Швајцарија, каде на пример, главниот град Берн наликува на Венеција. Низ големи делови до градот движењето е можно само со кајчиња. Поплавите во таа земја предизвикаа смрт на шест луѓе. Железничкиот сообраќај кон Италија е пренасочен преку Германија. Во одморалиштето Енгелберг може да се стигне само преку воздушен пат. Таму сосема отсечени се 1 500 туристи. Штетите во Швајцарија, досега, се проценуваат на околу 320 милиони евра.