Помошта не стигна во Мариупол
1 април 2022Конвојот на Црвениот крст денеска (1.04) не успеа да ја донесе итно неопходната помош за луѓето во Мариупол. Според соопштението на Црвениот крст, условите не дозволувале конвојот да стигне до градот во кој се водат тешки борби и кој е под опсада на руските трупи. Обид за влез во градот повторно ќе биде направен во текот на утрешниот ден. За конвојот да може да се пробие, многу е важно страните во конфликтот да се држат до договореното и да пружат неопходни безбедносни гаранции, се вели од Црвениот крст.
Обид за бегство со автобуси
Многу луѓе од Мариупол и денеска се обидуваа да го напуштат градот со приватно организирани конвои. 42 автобуси со околу 3000 луѓе се обиделе да го напуштат градот, изјави волонтер во Запорожја. „Не знаеме кога ќе дојдат, тоа зависи од контролните пунктови.“
Портпаролот на Црвениот крст, Иван Вотсон, рече дека „веќе не постојат придавки со кои може да се опише ужасот во кој страдаат жителите на Мариупол“. „Ситуацијата е страшна и се влошува“, додаде Вотсон.
Во теко тна изминатите недели пропаднаа повеќе обиди за евакуација на цивилите кои се опколени во Мариупол. Според украински наводи, од почетокот на војната во градот загинале најмалку 5000 луѓе, а околу 16.000 цивили сѐ уште се наоѓаат во речиси уништениот град. Хуманитарната ситуација во Мариупол е катастрофална, речиси без никаков пристап до вода, храна и електрична енергија.